13. На три страни

Од Viber комуникацијата на Ѕвездана и Апостол со Бисера и Пламен:

„Иако се гледаме и слушаме кога ќе посакаме, светот со Интернетов е веќе одамна глобално село, знаете дека не ни е сеедно што сме разделени. Заедно сме, а всушност не сме. И вие без нас и ние без вас. Самотни сопатници на три страни.

Нè спокои мислата дека порано или подоцна пак ќе се собереме, ќе се прибереме во наш нов заеднички дом. Сеедно каде, дали во Монтреал или во Бирмингем или во некој трет град, може и гратче во некоја трета земја. Мислиме, ма сигурни сме дека во државава во пропаѓање веќе не. Како вие, и ние сме сигурни дека е готово со неа. Во тек е последниот чин на велепредавство на народов, а државава веќе според ништо не личи на себеси. Скоро ќе ја растурат и ќе им ја поделат големите сили на отссекогаш непртијателските соседи. Секако без нас.

Мамо и тато,

Не ни е лесно без вас, знаеме дека и вам не ви е лесно без нас, ама мораме да издржиме. Уште некое време, дури не завршиме со учењево. Јас, Ѕвездана, сум решена да ти се придружам тебе, тато Пламене, а јас, Апостол, ќе дојдам кај тебе, мамо Бисеро. Потоа…Здравје!“