93. Внуките

Ништо неочекувано и ништо необично од ќерките на Аврам, внуките на Љуба и на нејзината самобитна сенка-Анета и Билјана. Откритието на роднинството ниту ги зближи, ниту отвори дотогаш незнајна страница на нивниот меѓусебен однос. Не е тоа поради генерациската оддалеченост, различните лични времиња, динамиката на нивното секидневие или перспективата на нивното созревање, разбирање и прифаќање на светот што ги опкружува. Тие им помагаат да формираат и постојано да надградуваат свои критериуми за вредното и минливото. Откритието на роднинството во нив предизвика многу повеќе рамнодушност одошто некаква возбуда. Тие многу личат на татко им и тоа е единственото нешто што загадочно ги привлекува меѓусебно.

Анета ѝ се обраќа на Љуба:

-Вие сте ни баба, а до вчера не се ни познававме. Ве знаеме како позната сликарка портретистка, а имавме слушнато дека сте преживеале мозочен удар. Восхитува што не може да се забележи никаква трага од него.

Билјана се надоврзува:

-Немојте да ни се лутите, ама ќе ни треба многу време да Ве прифатиме. Зошто толку долго таевте оти сте биолошка мајка на татко ни?

Наместо Љуба зема збор Самобитна сенка:

-Ние сме три како една и ја споделуваме болката на баба ви од грев што не е тоа-единствената рожба на единствена љубов ја оставила да расте во сиропиталиште.

(Автор на сликата: Естел Асмодел)