101. Расположба и танцување

Сите збрани во ателјето во ведра ноќ: Љуба, нејзината самобитна сенка, Самобитна сенка, нејзиниот Стефан Веселовски, Аврам со сопругата Светлана и нивните ќерки Анета и Билјана и оживеаните портрети. Помеѓу нив и младиот вајар Страхил Мариовски, ученик на Славен Источник, кого Аврам го ангажира да изработи голема и масивна скулптура од железо, стакло и мрамор. Го претстави како еден од најдобрите ученици на татко му Славен Источник. Љуба го поздрави срдечно и гласно, нагласувајќи дека и таа како многумина други во Прострел за него знае одамна. Пријатно е изненадена оти се нафатил да создаде толку сложено вајарско дело во кое секој најнапред ќе препознае единствена, мигновена и трајна љубов со таена рожба.

Сите опуштени, весели, насмеани, распеани и игриви. Во еден агол маса преполна со секакви слатки и солени колачи, зеленчуци, пржени и печени меса, пијалоци. Крај два ѕида наредени столици, а средината слободна за танцување. Ќе почне песна некој, кој било, повеќето ја прифаќааат и сите заедно ја завршуваат. Песните се без зборови, повеќегласни, со воздиви и  извици. Ќе застане некој, кој било на средината и само што ќе направи чекор повеќето се придружуваат и го изигруваат со него танцот докрај. Сите без исклучок ги играат на музика на тишината.

Самобитна сенка и Светлана застануваат пред делото со контури на лицата на Љуба, Аврам и Славен, а кое Љуба секому му го претстави како најголемо од сите досегашни.

-Кога ќе го завршите, сигурна сум дека ќе го преземе Аврам. За секогаш да му биде пред очи доживотната тајна како поттик за почнување на нова животворност.