100. Второ оживување

Љуба, самобитната сенка на Љуба и Самобитна сенка нестрпливо го очекуваа и го дочекаа второто соочување со оживеани, со портрети кои штотуку оживуваат и кои даваат првични знаци на оживување. Најпрвин како нова потврда на нивната посветеност на портретирањето, концентрираната творечка енергија која им овозможува премин од стварниот во друг, заумен свет, поврзувајќи ги и докажувајќи ги како еден, целовит, со едновремено бришење на границата помеѓу нив.

Тоа се случи во ран утрински час, пред изгрејсонце. Се разбудија трите мигум, како договорени,  како од тоа да им зависат денот и приклученијата што зависат и не зависат од нив. Слушнаа чудни гласови во ателјето; машки и женски, испомешани весели и тажни, тивки и разгорештени. Речиси влетаа во него.

Неколку портрети на знајни и незнајни мажи и жени во Прострел живо расправаа меѓусебно, поседнати во круг околу угаснато огниште. Ателјето беше просторија со полуразурнати и разурнати ѕидови под отворено небо.

Го наслушнаа кусиот разговот помеѓу портретите на композиторката Елена Самјакова и на творецот на Паркот на слободоумноста во Прострел, Горјан  Вителов:

-Паркот не е само твое дело, Горјане. Секидневно го оживувам и јас и секој што минува во него некое време од своето. Секој слободоумен и со нескротливи емоции.

-Да, Елена, а тоа значи и дека се вградуваш себеси во него, значи и ти си еден од неговите творци. Заедно со сите други како тебе.

-Тоа значи дека е нужно, Горјане, во него да има не една, а многу  музички фонтани со неугасливи огнови среде.