108. Незабележано

Можеби Љуба немаше да забележи сѐ до завршувањето на портретот, можеби и потоа, ако вечерва не ѝ укажа Самобитна сенка:

-Јас очекував на платново да доминирате ти, Славен и Аврам, а не крепоста во заднина. Како да ни се наметнала сама по себе.

Љуба ја загледа и мошне се изненади колку има право. Не може да си објасни:

-Имаш право, Самобитна сенко, доминира!..Тоа значи дека, наместо ова да биде наша последна радосна заедничка вечер, ќе треба уште да работиме заедно?

Се замешува нејзината самобитна сенка:

-Простете, ама јас одвај се натерав да дојдам вечерва пред конечно да исчезнам. За да се збогуваме како што им прилега на луѓе и нивни сенки кои минале многу заеднички творечки години…Точно, на портретов доминира крепоста, ама за мене тој е завршен.

Самобитна сенка:

-И за мене! Јас само укажав на она што е очевидно и сигурна сум дека ќе го забележи секој што подолго ќе се загледа во него. Но имам објаснение…Твое, Љуба моја: крепоста на брегот е најизразит сведок на на твојата најголема љубов со Славен. Дека само таа со него ти била непорочна во вистинската смисла на зборот, а Аврам е нејзина рожба.

На Љуба ѝ е јасно дека ќе мора сама да поработи на портретот уште некое време. Особено на рамномерноста на крепоста и љубовта помеѓу неа, Славен и Аврам.