106. Љуба и Аврам сами во крепоста

За првпат се заедно во крепоста над Прострел, на брегот, на клупа под запален канделабар. Го искачија брегот во молк и заедно долго го гледаа под нив црвено-жолто осветлениот Храм на непорочната љубов.

Љуба:

-Ќе ти откријам нешто, Авраме мој. Оваа крепост е најизразит сведок на сите мои љубови, и на најголемата со татко ти Славен, но и на почетокот на моето сликање портрети. Во заднината на четирите портрети се наѕираат контури на Храмот на непорочната љубов или на Театарот на трагикомедијата. Не мислам да ги изложам скоро.

Аврам:

-В ред, за твои дела ти одлучуваш. А зошто ја нагласуваш заднината зад нив?

Љуба:

-Храмот е на портретот со Славен, а на останатите три е Театарот. Не оти тие љубови ми биле трагикомични, туку само љубовта со татко ти беше непорочна во вистинската смисла на зборот. А веќе ти кажав дека ти си рожба токму на таква.   

Аврам:

-Зошто во заедничкиот портрет што го работиш во заднината ги нема контурите на храмот?

Љуба:

-Затоа што за неа ми е многу поважна оваа крепост. Ми остана уште да ја насликам неа.