102. Групен портрет со таена љубов

Иако досега ниеднаш не се портретирале сами, на Љуба, нејзината самобитна сенка и Самобитна сенка тоа не им претставува никаков проблем. Штом се договорија каде и како да се претстават на големото платно пет метри долго и три метри широко. Се разбира, притоа водејќи строго сметка за местоположата и димензиите на Аврам и Славен. Некое време Љуба се залагаше на преден план да биде нејзиниот Славен, но отстапи откога ја уверија дека тој со ништо не го заслужил тоа, туку напротив; неговата улога во таената љубов е најмала, дури може да се рече маргинална. Нејзината самобитна сенка нафрли дека можеби треба да го истакнат Аврам, но и таа отстапи откога другите две ја потсетија на неговото растење и созревање во сиропиталиште. Заедничка им е и замислата сите лица на платното да бидат претставени во контури, во три бои-црна, бела и црвена, без доминација на која било. Таената љубов да биде претставена како разгранат даб извишен до сино небо, со раширени дебели и тенки корени помеѓу нив, под нивните нозе и длабоко во каменита земја.

На портретот работат секогаш трите заедно, сѐ поинтензивно, веќе неретко и деноноќно. Контурите на лицата се речиси готови, а веќе ја привршуваат крошната на дабот.

Љуба размислува гласно како да го претстават и со кои бои да го насликаат зачетокот на новата животворност:

-Таа би морала да биде помеѓу мене, Славен и Аврам. Би можела да почне од извор во далечна стена чија бистра вода, распенета помеѓу расфрлани камења, нѐ обзема сите. Може да е распламтен оган со пламени јазици кои ги опколиле корените, а најраширените над земјата веќе ги горат.