91. Рамнодушни

Сопругата Светлана и ќерките Анета и Билјана се рамнодушни спрема откритието на Аврам дека Љуба и Славен се негови родители, по толку години проучувања и истражувања на секакви траги, а тоа не му е право. Да, во Прострел не е ништо невообичаено, ниту ретко да не се знае едниот или двајцата биолошки родители. Напротив, таквите случаи станаа повеќе од врските или нераскинливото заедништво на ближни. Па е во тек долгорочна детално осмислена реформа на брачната и семејната заедница; почнувајќи од нивна редефинција, поинакво, не само репродуктивно значење на меѓуполовите односи и сексот, па сѐ до класифицирање на родството според нивото на споделување на животот и динамиката на создавање вредности. Аврам не ја прифаќа нивната рамнодушност токму поради откритието дека е рожба на единствена, голема, страсна, таена, а мигновена љубов помеѓу две исклучителни творечки личности. Особено го погоди ироничноста на прашањето на Светлана за новото дело на Љуба:

-Велите дека сликава за пресвртниот момент во нова животворност ќе биде најголема од сите Ваши досегашни. Зошто? Да не е оти на неа ќе бидете тројцата како еден, предадени еден на друг?

Љуба со срдечна насмевка:

-Секако, ама пред сѐ затоа што верувам дека моментот кога му открив на Аврам оти сум негова мајка, а Славен е негов татко, иако јас и Самобитна сенка се зарековме дека тоа ќе биде наша доживотна тајна, не е само за мене пресвртен. Ќе биде и за оние што не доживеале толку силна, а единствена, а мигновена љубов. Сигурна сум дека за многумина што ќе ја восприемат ќе претставува поттик да започнат нова животворност.