90. Мраморен

Гробиштата во Прострел се на возвишение на северната страна, како човекова граница со пустината. Оградени се со ѕид од неизделкани камења и стени, висок три-четири метри. До големата капија од ковано железо се стасува по кривулеста калдрма. Тоа е пространо плато испресечено надолж и нашир со патеки од ситен бел камен, тревни површини од половина метар. Среде нив мраморни човечки фигури во природна големина на кои доминираат ликови и длабнатини за урни со пепел на починатите. Нивните имиња и семејни презимиња се испишани на мал постамент. Понегде има повеќе едни до други, машки, женски, па и детски, со различни големини, секако на починати ближни. Прострелчани гробиштата ги викаат „Мраморна бесмртна тишина“.

Мраморниот Славен Источник се наоѓа две улици над влезната капија, спроти малечка фонтана со мраморен женси акт. Мажествен лик но едноставен, простодушен, ведар и спокоен.

Зајдува сонцето. Пред Славен молчешкум стојат Љуба, нејзината самобитна сенка и Аврам. Аврам е без сенка.

-Личи на мене,-вели тој.

-Цел си на него,-вели Љуба.-Не му идам често. Последен пат бев со Самобитна сенка пред да доживеам мозочен удар.

-Од што починал? Како?,-прашува Аврам.

-Не знам. Ненадејно. Во доцен ноќен час. Ме завршил мене, неговиот најубав мраморен женски акт, овој на фонтанава, легнал да почини и веќе не се разбудил,-одговара Љуба.

-Ќе бидеме заедно додека сме,-вели Аврам со шепотлив глас.