58. Несопирлив

Веќе никој не може
да го сопре
извишен до ведро небо,
согледлив и меѓу облаци.

Зашто е речиси
на крајот од својот пат.
Речиси.

Последен се обиде ветер
којзнае од кога заробен
во стена струполена
на дно на немост
со лити зборови.

Го обви,
му стегна гради,
му закрши коски,
му заледи срце.
Речиси на крајот
од својот пат.

Па го пушти,
па се оддалечи,
па исчезна негде.

Успеа само
да му ја издува
последната помисла
на сопрените,
на скаменетите
самосвесни семиња
плодни.