50. Внимателност

Одекнува чекор во тишина
на некој сонувач
меѓу птици и шепоти
на голи деца скаменети
мигум во безгрижна игра.

Ту е забрзан, ту е забавен,
ту тежок, ту лесен.

Сонце и месечина
се менуваат молскотно
пред срце исплашено
дека нема да издржи
со нов ден од рани зори
до пред полноќ.

Којзнае, можеби чекорот
во тишина на сонувач
го следи ритамот на срцето
и играта на голите деца
скаменети.

Со внимателност, скришно
ѝ давам знак на една љубов,
што ме следи молкома
во тишина меѓу птици
и шепоти
на голи деца скаменети
мигум во безгрижна игра,
дека нема уште долго
срцето исплашено
да го издржи молскотното
менување
на сонцето и месечината.

Та затоа треба скоро
од пред зори
да му се придружи
за до пред полноќ заедно
да доживеат уште едно
раѓање на жива природа
меѓу врутоци и огнови.