49. Студенина

Фатила некоја студенина
безмерна, бескрајна,
та заробила снаги, срца,
мисли и надежи,
та почнала крвнина
помеѓу блиски ем далечни.

Ме обзема незапирно
дури сѐ уште ја сонувам
последната бесцелна,
жизнерадосна игра
под ведро небо.

Бидејќи не ѝ дозволувам
и мене да ме вовлече,
докажан стамен, доблесен,
грамаден, мраморен
во крвнинава,
чувствувам како
сѐ подлабоко навлегува
говорно, песнопојно,
гласовно.

Може ќе успеам некако
да ја надвладеам
пред да згасне
последната искра живот
во мојот корен,

но како да ја преживеам
мрачнината што иде по неа?