15. Љубовничка тајна

Знам дека секоја тајна е тајна додека не се сподели со друг, особено кога е збор за лични каква што е љубовничката, но мислам дека остануваат тоа кога не се откриваат чии се. Особено личните каква што е љубовничката инсистираат на тоа, дури како единствен предуслов да останат. Затоа тоа ќе го испочитувам и ќе раскажам една не откривајќи, не именувајќи чија е. Имам уште една причина за тоа: мислам дека сè уште, по толку многу години е тајна иако љубовниците се веќе во години. И не ме прашувајте зошто ќе ви ја раскажам . Искрено не знам. Во секој случај, никако не за да осудувам, пресудувам, за некој да ја прифати како пример кој треба или не треба да се следи.

Мислам дека е најдобро да ја почнам со нагласување дека станува збор за чиста, искрена и длабока љубовничка тајна меѓу оженет маж и омажена жена, со свои оформени семејства што ги одгледуваат посветено и мошне грижливо; кои совреме обезбедиле пристојни семејни живеачки. Ништо чудно и ништо тајно во денешново време? Љубовници на работа, надвор, надвор од семејниот круг, одвреме-навреме. Привлечност, блискост, споделување на емоции, страст…Каква љубовничка тајна? Тоа не е тајната!

Долги години им бев близок на обајцата. Колега и пријател. Мислам дека сум им сè уште. Мислам зашто од пред четири месеци се оддалечивме. Тие останаа во агенцијата за маркетинг, а јас прифатив понуда да бидам главен менаџер на компанија за производство на автомобилска галантерија, три града оддалечена, источно. Не знам и не ми е јасно зошто не се договоривме да го одржуваме контактот. Дали зашто почувствував дека не им требам, дури им пречам? Веќе не сакаа да бидеме барем час-два заедно во денот, во неделата, во работното време или по него? Подобро е за нивната љубовничка тајна да не контактираме? Да не помислиле дека ме оптоварувале со неа, па не треба повеќе? Како да е! Мислам дека сум им сè уште близок и скоро ќе се чуеме, ќе се видиме, ќе бидеме заедно макар час-два.

На два наврата со свое присуство и учество просто ги заштитив, просто не дозволив неговото или нејзиното семејство да откријат дека се љубовници. Тоа ми беше, ми е драго, особено зашто ситуациите во кои ме ставија, всушност во кои прифатив да учествувам за мене беа прилично непријатни. И двете беа всушност идентични: мажачка на нејзина ќерка и женидба на негов син!

Мислеа не знам, сè уште не сум открил дека се љубовници, па ми открија сами многу внимателно, со одбрани зборови. Би рекол и прилично детински срамежливо.

Таа:

-Знаеш, ние сме блиски.

Јас:

-Знам. И јас со вас.

Таа:

-Ама сме…повеќе од блиски…Интимни сме.

Се насмеав гласно:

-Ха-ха! И секс?

Таа срамежливо, одбегнувајќи да ме гледа:

-Да…Одамна…Со години.

Јас:

-Па што? Голема работа! Не сте ни први ни последни.

Таа:

-Важни ни се семејствата…Досега успешно криевме, криеме, не дозволуваме ни да насетат. Него сите во моето семејство го знаат како мој најдобар колега и пријател. Дури го прифатија како семеен. И мене неговото исто.

Јас:

-Така треба! Богами браво.

Таа:

-Имаме проблем. Помисливме дека ти можеш да ни помогнеш.

Јас:

-Радо. Како?

Таа:

-В недела ќе ја мажам ќерка ми.

Јас:

-Честито! И? Што треба јас?

Таа:

-Мажот ми, ќерка ми или син ми може да се посомневаат ако тој не биде на свадбата. Досега не сме ги зближиле нашите семејства, моите не се познаваат со неговите ни неговите со моите, па и тоа не е прифатливо. Може да искомплицираме.

Јас:

-А што можам јас?

Таа:

-Да дојдеш на свадбата, како колега и пријател, и да нè дружиш.

Ми стана интересно:

-Да бидам меѓу вас двајцата? Малку повеќе со него, па повеќе со тебе?

Таа:

-Така некако.

Јас:

-Нема проблем!…Да знаеш, може ќе ти се налутев ако не ме поканеше!

И немаше никаков проблем. Се смеевме, се веселевме, јадевме, пиевме на иста маса сите; играв со неа, играше и тој; со обајцата разговарав за безначајни работи во животот и на работа.

Не помина цела година кога се случи и женидбата на неговиот син единец. Сè идентично. Се разбира, договарањето одеше многу полесно, без заобиколување, со два-три збора.

А љубовничката тајна?

Да не должам:

Ми го открија нивното тајно љубовничко гнездо! Токму тоа. Ме собраа еден ден и ме однесоа во него: апартман од триесетина квадрати, на петти кат на висококатгница во Новата населба. Го купиле заедно, секој платил половина од цената. Го суредиле за секојдневен престој два-три, пет-шест часа. Всушност за секојднедвна живеачка. А со семејствата живеат во свои големи куќи, во различни приградски населби.

Не сум ги прашал, а секако ќе ги прашам при нашата прва следна средба, како успеваат да распределат дваесет и четири часа на три, макар нееднакви дела: за на работа, за со своите семејства и за нивната љубов. Како љубовничка тајна.