14. Поетска врвица

Од мој подолг разговор со средовечен маж, со кого еден убав сончев ден седев на клупа пред Споменикот на слободоумниот, на плоштадот Светлосни корени. Со кого не се ни запознав:

-Долго јас и таа одевме по свои наспоредни врвици кон наши врвови. Речиси девет години. Јас ја сакав каква што беше, а сигурен сум дека и таа ме сакаше каков што сум. Тоа не ни пречеше оти ни беа блиски, една до друга. Не знам, можеби токму оти по нив лесно самостојно минувавме секакви пречки и надминувавме секакви недоразбирања и проблеми. Но, кога дојдовме до точката на нивното вкрстување…

Го прашав:

-Не е ли вообичаено така со врвиците на животот?

Ми одговори:

-Така е до точката на нивното вкрстување. Ние така речиси девет години. А потоа…Обајцата воопшто не размислувавме за вкрстувањето. Некојпат јас ја замислував таа точка, некојпат таа ми нафрлаше дека размислува колку сме близу до неа, па треба да побрзаме. Ама…

По длабок воздив:

-И дојдовме. Ја догледавме, ја согледавме. Откривме дека по неа е една многу стрма, многу тесна, меѓу две провалии. И оти по неа не можеме да одиме еден крај друг, ами само еден пред друг или мачно еден зад друг.

Се изненади кога го прашав:

-Ти да не си поет?

Тој ме погледна строго, па рамнодушно и пред да стане, да се разделиме одговори:

-Таа не сакаше поезија. Ја прифаќаше стварноста каква што е.