10. Со голи раце

Еден бездомник стаса рано наутро во градот и веднаш се замеша во луѓето. Тие, пак, брзо го запознаа како човек со кого можат да споделат што било, важно или не, решавачко или не, одвреме-навреме и да бидат заедно некое време, па му предложија да пронајде место и да си изгради свое живеалиште. Го предупредија да не очекува каква годе помош од некој зашто откако постои градот постои непишано правило секој сам да си изгради, па потоа да го доградува или преградува. Дури и без своите најближни кои рано се оддалечуваат еден од друг. Поточно, рано почнуваат да живеат самостојно-со стапување во полнолетството. Така е отсекогаш. Бездомникот го прифати тоа беспоговорно, мошне задоволен и среќен поради понудата.

Најде место на крајот од градот, во каменит предел, и почна да гради. Со голи раце. Буквално. Значи, без никаков материјал, само големи и мали камења, и без никаков алат за копање, кревање, ѕидање. Тоа не му паѓаше многу тешко оти беше снажен, кален со години, во сите годишни доба.

За само неколку дена и ноќи крена четири камени ѕида, камен на камен, пространа одаја четири со четири метри, и ја покри со трска. Среде направи огниште. Веднаш се собра во неа и запали оган, да се згрее. На ѕидот кон исток остави поголема дупка, висока колку него, за врата, а на ѕидот кон исток помала, за прозорец.

Се случи ненадејно, мигум: се раздува силно ветриште! Толку беше силно што не само што го однесе покривот од трска, туку ги урна и камените ѕидови. Одајата ја престори во куп мсли и големи камења. Дури и најголемите ги истурка подалеку од огништето. Потоа пак мигум како што се раздува така и престана. Просто исчезна.

Се собраа луѓе од градот да му се најдат, да му помогнат на сограѓанинот, на довчерашниот бездомник. Не им требаше многу време за да разберат зошто силниот ветар мигум му ја разурна, му ја одвеа одајата: таа немаше темел, не беше втемелена! Се почудија како е можно да не знае дека ништо, дури ни ѕидче не може да се изѕида без темел, а камо ли одаја, камо ли живеалиште за долго време. Да, ја изгради со голи раце, ама кога прво не направил темел…

Се разотидоа луѓето порачувајќи му веднаш да почне одново. Макар пак со голи раце. А тој седна на камен спроти сонцето и потона во длабоки мисли.

Од утредента досега никој од луѓето во градот не го беше видел бездомникот. Очевидно ги напуштил, заминал незнајно каде.