39. Од него премногу

Тој и таа се многу разочарани:

„Од него веќе премногу! Не разбираме како му дозволуваат. Јасно е како си дозволува, дека работи за туѓи интереси, а не знае, а е просто неписмен. Но, зарем меѓу неговите нема умни, зналци и искусни кои да му викнат „Доста“ и да го тргнат, да го фрлат на политичкото буниште. Голем срам за нив“.

Тој и таа се многу срдити:

„Како ли си дозволи народот да му натурат таков како него? До толку ли беше немоќен да ги спречи да го направат властодржец? Не можеше или не сакаше да верува дека ќе се случи таква изборна местенка? Просто неверојатно! А сите знаевме, не дека не знаевме која е целта. Дека ќе започне процес на напоредно разнебитување на народот и нашата држава. Апла велепредавство!“

Тој и таа се речиси очајни:

„Како е можно таков дибек, незнајко, неписмен, трчи-лажи, кловн, безрбетник, подлизурко, кериминалец, мафијаш толкумина да направи зависни, толкумина да поткупи, да потплати, толкумина да услови, на толкумина да им се закани што да не му може никој ништо? А кој не се мајтапи со него, кој сè не се измева со нас и не нè сожалува дека ни е на чело! Жива срамота!“

Тој и таа многу беспомошни:

„Нема кој да го симне од власт и ќе го заврши разнебитувањето за кое е платен? Се чини веќе нема! Дека зад него стои меѓународен фактор, стратешкиот партнер? Како да не! Нема врска! Кој фактор во овој биполарен свет? Каков стратешки партнер?! Обичен платеник, пион, шпион. Мал мафијаш меѓу големи, на кои им служи и преку кого можат да прават и направат што сакаат. Политичар? А бе ај! Најдолен политикант! Простак!

Опозиција? Која опозиција? „Конструктивнава“? Нема врска! И таа е таква направена.

Има спас? Не ни е јасно како може уште да има непоправливи оптимисти! Кои се тие, такви?! Сите реални што ги знаеме се како нас-песимисти. Да, да, веќе беспомошни“.

Тој и таа на аеродром, чекаат полетување далеку одовде:

„Каде ние? Што подалеку одовде! Доста беше! Не можеме веќе! Како ќе ни биде, нека биде. Како досега не може. Ваква беда и сиромаштија, мрачнина, пустош, ваква бесперспективност…И ние како многумина други знајни и незнајни. Со билет во еден правец.

Сеедно ни е дали некој ќе нè оправдува или осудува, ќе жали за нас или не…Обајцата сме непартиски, надпартиски, интелектуалци, доктори. Независни, слободоумни. Сè уште млади. Да, и барани во светот.

Веќе седум години сме во брак и обајцата седум години невработени. Живуркање со родители и нивните скромни пензии. И? Нема и!

Нашата приказна заврши. Ќе почнеме нова што подалеку одовде. Боли, до срцевината на коскиве нè боли, ама со овој на власт и неговите повеќе не.

Знаеме дека знаеш оти како нас секој ден се сè повеќе на број. Со билет во еден правец“.

Им дојде време за полетување.Се збогувавме со ветување дека ќе останеме во контакт. Си ветивме дека ништо, ни далечината нема ниту да го загрози, камо ли да го прекине нашето пријателство.