35. Како мене

До неодамна не познавав никој, ниту знаев за некој како мене. Дури почнав да се загрижувам поради тоа. Се прашував зарем е можно, како е можно да сум каков што сум-единствен на светот. Навистина. Искрено велам! Немам некој особености, посебности, па баш затоа се прашував и дури почнав да се загрижувам. Мислам дека добро ги познавам луѓето, нивните појавности, нивните одлики, препознатливости, нивните карактери. Од друга страна, пак, добро се познавам себеси за совреме да се соочам со некој како мене. За тоа никој да нема никакво сомнение.

Сакам да нагласам: го споделувам стојалиштето дека на светот нема и не може да има двајца идентични. Светот е создаден за и со различности кои, нели, не само што се привлекуваат, туку токму поради нив е богат, живороден, животворен, предизвикувачки, поттикнувачки и интересен. Мислам дека не би постоел ако не е таков. Да, не само меѓу луѓето, туку во сета флора и сета фауна. Не заборавам, тоа е и поради негова рамнотежа, надополнување и соживот.

Значи, нагласувам: до неодамна не познавав и не знаев за некој како мене. Не ист како мене.

Јас сум „комоплициран“ и „тежок“, па затоа е така? Нема врска! Дури и тоа дека сум творец, дека создавањето дела ми е и смисла и содржина на животот, суштина на моето опстојување. Лично познавам многумина, но ниеден не е како мене. Којзнае, можеби е добро што е така. Не мислам добро за мене. Зошто би? Дека е потврда на моја оригиналност и неповторливост? Може, ама нели токму со оригиналноста и неповторливоста творецот се докажува како вистински творец?

Но, да се вратам на почетокот. Не познавав и не знаев никој како мене до неодамна. А од неодамна? Од неодамна сум неизмерно радосен, ма среќен дека дознав за еден. На мошне необичен начин.

Да бидам малку личен, од она што го знам за себеси како творец: никогаш не сум бил и не сум задоволен од создаденото, а целосно му се посветувам, просто му се предавам на секое мое ново дел. Нема врска со нескромност кога нагласувам дека тоа значи постојана битка со мојата творечка енергија која, признавам, не успевам ни за миг да ја скротам и веќе сум сигурен дека мојот конечен пораз ќе биде од неа. Се разбира дека не мислам оти сум единствен. Лично познавам неколкумина секогаш незадоволни од создаденото дело и целосно посветени на ново, на најново. Но, мислев дека нема на светот или јас не познавам и не знам до толку како мене. Посветен и со нескротлива творечка енергија. Да повторам, не кријам дека сум неизмерно радосен, дури среќен оти запознав еден. Баш како мене.

Реков дека Дамјана Мајданоски го запознав на мошне необичен начин. Всушност, необично беше запознавањето на вообичаен настан поврзан со творците. Имено, Мајданоски отвори ретроспективна изложба на свои скулпторски дела создадени во изминатите дваесет творечки години кои се едновремено и животни. Јас сум еден од неговите почитувачи, како скулптор во чие дело се гледа и чувствува страста на создавањето. Со која ги освојува едновремено просторот и времето во себеси и околу себеси. Исто што се однесува на мене и моите музички дела. Јас како композитор отсекогаш, во секое мое дело, особено симфониите, страсно, со целосна посветеност и концентрирана творечка енергија се трудам да освојам што поголем дел од просторот и времето што се дел од мене и што ми се на располагање.

Дамјан Мајданоски е како мене. Се запознавме на изложбата. Откако му се претставив, тој беше чул за мене но искрено не го познава доволно моето творештво за да има критички однос спрема него, одушевено, гласно и нагласено за да чујат сите околу нас, рече:

„Конечно запознав некој како мене!“