33. Крадец

Забележав толпа во книжарницата на Плоштадот на слободоумноста. Најелитната од трите книжарници во мојов град. Вистинска. Во неа само книги. Во другите две и друго: секаков школски прибор, слики, мали масла и цртежи во рамки, стари часовници, грамофонски плочи…Едни влегуваа, други излегуваа. Некои зачудени, некои замислени, некои лути, некои со весели лица.

На мое големо чудење, пред книжарницата стоеше сино полициско комбе. Што бара баш на тоа место?! Да, во мојов град во последно време зачестија ситните кражби, за што сме сите загрижени зашто знаеме дека по ситни кражби или наспоредно со нив се неминовни крупни. Се краде во секакви продавници, во последно време најчесто во самопослуги и гранапи, на пазар, во долго време заклучени станови и во куќи на иселени. Во последно време најмногу пари и велосипеди.

Што се случува во книжарницата? Не издржав да не се распрашам, па и да влезам, да видам и да разберам. Го прашав првиот на влезот:

-Што е? Што се случува?

Непознатиот:

-Фатиле крадец на книги.

-Што?! Каков крадец?

-Слушна. Крадец на книги.

Напросто ме збуни. Никогаш досега во животот ни сум чул ни сум разбрал некаде во светот да бил фатен крадец на книги од книжарница! Знам за таканаречени крадци на земени книги во библиотеки од читатели, таканаречени оти не се, ама баш крадец на книги…Крадците во библиотеките за мене се таканаречени зашто не се тоа, туку или немарни при читање, па ги искинале или некаде ги зафрлиле и не можат да ги најдат, или не сакаат да ги вратат зашто не може да се најдат, да се купат, па божем им се изгубиле. Крадец на книги од книжарница!

Влегов и се упатив кон затемнетиот агол кај што на една столица седеше младич облечен во долни тренерки и дуксер, со излитени бели старки. Спроти него стои полицаец. Му се обратив на полицаецот:

-Што се случува?

Фрли поглед на мене и кусо одговори:

-Крадец. Фатен е како краде книга. Ја сокрил под дуксерот и сакал да излезе, ама книжарот го видел, го фатил и ни се јави.

Јас:

-Овој крадец?!

Полицаецот се загледа зачудено во мене:

-Што? Да не не ти личи на крадец?

И сега не знам што ми требаше вака да му одговорам:

-Овој не е крадец! Го познавам!

Го познавав? Не. Ми заличи на еден познат млад книжевен критичар. Му реков на полицаецот:

-Може јас да го средам ова?

Тој:

-А кој си ти?

Јас:

-Јас сум писател. Прозаист и поет. Ме знаат во книжарницава. Има на рафтовите мои дела.

Полицаецот одмавна со рака рамнодушно. Го тргнав настрана книжарот и го прашав:

-Која книга се обидел да ја украде младичов?

Тој:

-Бестселерот на Мирон Коларов „Држава на мафија“.

Јас:

-В ред. Може да средиме? Јас ќе ја платам, а ти убеди го полицаецон дека било недоразбирање.

Се зачуди, но прифати.

Платив, го зедов под рака младичот и кога се оддалечивме од книжарницата го прашав:

-Не ми личиш на крадец. Што ти текна да крадеш книга?

Тој:

-Не сум крадец! Книгава е бестселер е, па морам да ја прочитам. А моментно немам пари да ја купам.

Јас:

-Каква врска имаш со литературата? Ми личиш на еден наш млад критичар, ама не си тој.

Тој:

-Не сум критичар ни писател. Студирам светска книжевност. Трета година…Не знам што ме натера…Мислев дека книжарот не ме гледа и…Онака…Махинално…Се срамам…Вие кој сте?

Јас:

-Јас сум писател. Прозаист и поет. Не ме познаваш и не треба…Да знаеш, ќе бев жив среќен ако украдеше некоја моја книга.

Тој:

-Има Ваши во книжарницата?

Јас:

-Има…Има…

Гласно се изнасмеавме, срдечно се поздравивме и се разделивме. Како стари и добри пријатели.