32. Великиот

Често стојам пред велик излеан во бронза, поставен на влезот на Историскиот музеј. Некогаш ми се случува поради него да не влезам во него. Всушност, тоа ми се случува сè почесто откога истражив, открив и научив сè за него. Најнапред како еден од неколцината велики, според многу нешта еднакво заслужни дека мојот народ во минатото успеал и денес успева да ги надмине сите премрежија; благодарение на кои опстојал на овие простори, се одбранил од сите налети на соседските непријатели.

Дали е највелик од великите штом е поставен само тој пред влезот? Зошто ако е еден од неколцината еднакви? Не ќе е случајно.

Темелно го проучив неговиот животопис, детално неговото дело, па можам да го аргументирам ставот дека станува збор за маркантна, извишена и возвишена личност. Која ѝ е посветена на борбата на неговиот народ за одбрана на својата посебност, на својот етнички, национален односно државен, културен, јазичен, религиозен, традиционален, но и на индивидуалниот односно личниот идентитет. И тоа со сета снага и знаење, до последен атом, до последно издишување. Станува збор за целосна посветеност, до саможртва.

Од друга страна, пак, сиот негов живот му минал во лична надградба, постојано усовршување, богатење со знаења и секакви искуства, откривања на простори и времиња; на вредности, на истории на исчезнати и народи кои сè уште опстојуваат во неблагопријатни состојби, пред постојани закани на соседите.

Во не мала мера е необичен, е редок неговиот личен живот. Израснал во многудетно семејство, во сиромаштија, безземјаштво, измеќарување. Израснал, заминал во друга земја, патувал низ светот. Се школувал, се стекнал со високо образование. Се афирмирал како посветен истражувач на старите цивилизации, особено учен за стариот век односно антиката, посебно на периодот на Македонската империја, притоа потпирајќи се најмногу на откритијата и сознанијата на археологијата. Неколку пати ги посетил египетските пирамиди, престојувал подолго време во Помпеја, а одблизу се запознал и со теракотната војска од времето на древна Кина. Напишал многу статии и студии за доцниот стар век, а најмногу за освојувањата на Александар Македонски; од битката кај Гавгамела против Дариј Трети до неговата смрт во Вавилон.

Разбирливо, најмногу време, години, децении посветил на Античка Македонија односно античкото кралство на територијата на денешна Македонија и Беломорска или Егејска Македонија; кое се граничело со кралството Епир на запад и областа Тракија на исток. Од првата македонска држава во осмиот или раниот седми век пред нашата ера, под водство на династијата Аргеади, со првиот крал за кој има документација Пердика Први, па времето на кралот Филип Втори, од 359. до 323. година пред нашата ера, на териториите на Пајонците, Тракијците и Илирите; потоа проширувањето под водство на неговиот син Александар Македонски, 336. до смртта во 323. година пред нашата ера, со Грција, персиското царство, Египет, Блискиот, Далечниот Исток и Индија, сè до распадот на царството во помали кралства раководени од генералите на Александар, обновата за време на династијата Антигониди, нивниот пораз и потпаѓањето под директна римска власт како Римска провинција Македонија.

Сепак, народот го велича поради предводничката, поттгикнувачката, инспиративната умност. Тој во својата секидневна борба за опстој на македонството најчесто ја користи како свое гесло неговата мисла: „Потомците ќе ни судат според делата што сме ги создале за нивно препознатливо опстојување“.

Судбинско ли е дека никој не го знае по име и никој не знае каде е неговото вечно почивалиште?

Го знаат како Великиот.