31. Во Срцево мртва тишина

На моето последно патешествие наидов на Срцево, на падините на Незнајна планина. Никогаш нема да ја заборавам мртвата тишина. Во која поминав една квечер и ноќ по неа, а следното утро си го продолжив патот. Со длабока жал дека несомнено таа засекогаш завладеала во него.

Веќе долго време траеше моето последно патешествие. Со денови како години. Решен како последно да не го завршам сè додека не ми премали снага, сè додека каде било не паднам наземи за повеќе да не станам. Во мојата родина поминав многу градови, села, живи предели, каменити и пустошни. Меѓу знајни и многу незнајни. Што радуваа и растажуваа. Именувани и неименувани кои ги именував јас според некој белег, нешто согледливо, откриено, некоја трага. Исто со Срцево, со кое завладеала мртва тишина. Планината, на чии падини се беше распослало, ја именував Незнајна зашто ни оддалеку ни одблизу ништо не ми кажуваше или укажуваше на нешто важно или препознатливо. На пример големина, нејзин врв, соголеност, тревјосаност, густина, реткост, извишеност на дрвја, извори, реки…

Прво крај калдрмисаниот друм го забележав крајот на коритото на очевидно одамна пресушена река. Продолжив следејќи го нејзиното ширење и длабочење. Песокта и камењата во него, некаде наредени за да прават вир, некаде како брани за да ја забрзуваат, пенат и брануваат водата некогаш, ми кажуваше дека тука некаде, близу или подалеку имало живот додека реката била жива.

Прво што забележав кога во далечина ја забележав првата камена куќа, значи на почетокот или на крајот на Срцево, зависно од која страна влегуваш во него, беше отвореноста кон небото. Немаше покрив. Потоа здогледав и други, дваесетина, распослани на падините на Незнајна планина на голема оддалеченост една од друга. Сите беа како неа. Исти според големината, а особено според самоста и обграденоста на просторот околу. Кога влегов во неа и во уште неколку, открив дека станува збор за големи и мали камени ѕидови, урнатини од  нив, со угаснати огништа среде. Во Срцево немаше жива душа! Со Срцево завладеала мртва тишина! Од кога? Лесно заклучив според моето искуство насобрано во многу патешествија: откога годишните времиња ја пресушиле реката или неговите жители ја отруле.

Зошто решив квечерта и ноќта да ги минам во Срцево, моето патешествие да го продолжам следното утро? Она што случајно го открив на гробиштата, до еден гроб до самоти калдрмисаниот друм: целосно сочуван човечки костур на голем човек и натпис на голем бел камен до неговиот череп. Сам по себе ми се наметна заклучокот: тој бил последниот во Срцево, а пред смртниот час со последни сили успеал со остар камен меѓу коските на десната рака да издлаби порака; во надеж дека некогаш некој намерник (баш јас?) ќе наиде, макар само на поминување, ќе се сети дека гробиштата се секогаш последна трага на населено место, ќе ги разгледа, ќе ги проучи и ќе ги открие неговите коски, како последна смрт, сосе натписот на каменот.

Натписот, пораката на последната жива душа умрена:

„Фала ти Господи што ми ја олесни умирачкава без неизлечива и мачна болештина. Што гаснам од премаленост и самост на која се навикнав, со која споделив две години. Јас сум последната жива душа во Срцево, па ќе нема кој да ме погреба, да ме покрие со земја откако ќе издишам за последен пат. Останувам безимен“.

За да не ги поминам квечерта и ноќта под ведро небо, се разбира и да одморам снага, ги избрав урнатините на последната куќарка спроти гробиштата. Ги покрив со гранки и трева, запалив оган во мала вдлабнатина во камен која некогаш била огниште. Легнав крај него, се покрив со шинел од мој дамнешен војниклак и заспав во мртвата тишина на Срцево.