28. Сликарка и бизнисмен

Сликарката Дафина Миланова слика секој ден и мошне интензивно во последниве три-четири години. Ни сама не разбира зошто. Едноставно, нешто ја тера прво со часови да седи или да стои молчешкум пред штафелајот, пред мало или големо платно, па наеднаш да се сепне, како да се буди од сон, и по цел ден и добар дел од ноќта да скицира, да црта. Потоа вешто и со жар да нанесува бои. Неретко само една. Како долго да клокотела, да горела во неа и мигум просто ја исфрла, просто неконтролирано. А на платното цела или во нијанси на своето вистинско место. Најчесто три: огнено-црвена, жолта и црна.

Таа е апстрактна сликарка. Ликовните критичари не пропуштаат да истакнат дека нејзините слики „го кршат, го уриваат, го уништуваат светот на конкретноста“. Тие се толку „силни и во грч“ што мигум „ја фрлаат во заднина првобитната замисла“ која, пак, „не може да заживее зашто останува без простор и време“. Досега само два-тројца се уверени дека станува збор за „единствена, грамадна и безгранична љубов“.

Саме Илоски е нејзина единствена, грамадна и безгранична љубов. Мигновена. Имале само една заедничка страсна ноќ, во страст до премалување. Никогаш повторена. Сите по неа како обострано празнење. Поначесто само негово. Дафина Миланова веќе не е сигурна ни дали навистина се случила, дали била конкретна или само ја замислила со Саме кој лани ѝ стана животен сопатник.

Тој е успешен бизнисмен, сопственик на агенција за недвижности. Задоволен е од заедничкиот живот, само му недостасува рожба. Веќе не е сигурен дека ја посакува и Дафина. Ниту одговара, ниту се обидува, ниту се труди да возврати. Некогаш му иде дека крие оти е неротка, а тој не се осмелува да ја праша дали има некаков проблем. Се плаши да не ја погоди, да не ја повреди, да не ја налути, та да го напушти. Тоа не би го преживеал зашто во животот не сакал ниедна друга како неа.

Не може да си прости дека ја праша во добра расположба заобиколно, внимателно и по малку поетично:

-Не мислиш дека нашата љубов треба да ја затврдиме со зачнување нов живот?

Дафина му одговори суво и рамнодушно:

-Јас не сум подготвена за тоа. Впрочем, секоја моја завршена слика е зачнат нов живот. Жалам ако не можеш да го разбереш тоа.

Се разбира дека Саме Илоски разбира, прифаќа дека и тој е директен или индиректен учесник во создавање на секоја нејзина нова слика, но тоа не е тоа. Не е исто уметничко дело со рожба од љубов која заедно ќе ја одгледуваат, ќе ја растат, заедно ќе се жртвуваат за неа.

Еднаш се обиде да ја наведе на заедничко промислување токму за заедничкото жртвување:

-Дафино мила, што мислиш ти за заедничкото жртвување?

Дафина малку се изненади од прашањето, но му одговори задржувајќи ја рамнодушноста во говорот и на лице:

-Мислам дека тоа напросто не е можно. Во секој случај не може да биде рамномерно.

Тој:

-Како не е можно во љубов? И што ако не биде рамномерно?

Таа:

-Затоа што љубовта не е жртвување, туку најпрвин споделување. Рамномерно споделување не постои. Кога би постоело, тоа би било пресметливост.

Тој продолжи:

-А што споделуваме јас и ти на твоиве слики?

Дафина му одговори воздржано, но со забележлива лутина во гласот:

-Ако мислиш дека треба светот на конкретноста, тогаш ништо. Јас него го кршам, го уривам, го уништувам. Зашто ним не им е потребен. Очигледно е дека ти на нив не ја забележуваш нашата единствена, грамадна и безгранична љубов, па затоа не ги доживуваш како зачнување, како заживување на нов живот без простор и време.

Пред да замолчи:

-Добро, од мене повеќе ни збор за ова. Само да знаеш дека и јас на твоите слики ја гледам жарта на боите, особено измешани огнено-црвена, жолта и црна.

Сликарката Дафина Миланова и бизнисменот Саме Илоски живеат обичен, сè повеќе рамнодушен заеднички живот. Со сè поголема и подлабока празнина помеѓу нејзиниот и неговиот.