27. За описите

Од многу искази на раскажувачот Борјан Сипковски, кои не знам зошто баш мене ми ги остави пред да отиде во неврат, во овој магливо-дождлив ден напросто сам ми се наметна за описите. Очигледно и тој, како сè од него, е по долго, сестрано и длабоко промислување, а пред сè со постојани или повремени, во секој случај неминовни соочувања со нив и повеќе или помалку успешни надвладувања. Во врска со нив има една константа, отсечна повторливост со која како да сака да докаже дека се тие една од неговите маргиналности: „Не ги сакам описите!“

Исказот:

„Описите се сосем непотребни! Во кое било дело се баласт кој го одбива, кој го оддалечува гледачот, слушачот, читачот од него. Во минатото можеби биле неопходни, на пример за доловување на слика, расположба, доживување, ама денес времето за нив и на нив е несомнено залудно потрошено. Еднакво за сите.

Сликата се покажува, се изложува, се прикажува, а со нејзин опис најпрвин се губи нејзината автентичност. Расположбата е сама по себе неопислива, мигновена или долготрајна, а доволно е да се раскажат причините за неа и последиците од неа, како и нејзиното влијание врз средината, околината, атмосферата и развојот на животот или на некоја негова секвенција. Доживувањето, пак, е дејствено, често незапирливо, па неговото опишување може да го развлече, да го разводни, па и да го одложи.

Не ги сакам описите! Не велам дека не можат да се најдат во некое мое дело, тука и таму. Но, ги има не затоа што биле неодминливи, се негов неминовен дел, се корисни, туку оти сум бил невнимателен. Секако дека ја намалуваат неговата вредност. Кој внимателно ќе проследи, ќе слушне, ќе прочита некое од делата што се мое најголемо препознавање, сигурен сум дека најпрвин ќе забележи дека каков било опис самото тоа однапред го отфрлило.

Мислам за описите:

Тие се секогаш минато, од минато, во минато, за минато и изминато време. Не како дел од сегашно или сосе него во идно, туку негово ограничување, заробување, одземање на неговата сила, на неговата трајност. Па и ништење на неговата безвременост“.

Кон исказов приведува опис на една фотографија која, како што нагласува, е во основата на едно негово дело посветено на природната убавина:

„Една природна убавина сè уште недопрена од човечка рака ја овековечил во еден миг некој што се одушевувал долго од неа: долина со разнобојни цвеќиња, секакви билки; бистра и пенлива вода во камено корито; потаму густа и висока борова, дабова, букова и дренова шума; над неа небеска синевина, а во далечина гола планина со снежен врв.

Не ѝ прилега никаква споредба ниту метафора. Очигледна е нејзината безживотност. Значи: природна убавина на која ѝ е одземена животноста, која е мртва!

Ја гледам долго, а таа никако да оживее пред мене за таква да ја приберам во мене. Само успеав да ја свртам наопаку. Долината со разнобојни цвеќиња, секакви билки и бистрата и пенлива вода во каменото корито се најдоа над мене, поблизу до мене густата и висока борова, дабова, букова и дренова шума, под мене небесната синевина, а на дофат ми дојде планината со снежен врв.

Решив да влезам во неа, да ја допрам, веќе да не биде недопрена од човечка рака. Да ѝ ја вратам одземената животност“.

Фотографијата ја најдов на средината на делото, а на нејзината долна маргина има рачно напишана белешка:

„Природнава убавина на фотографијава е неопислива и затоа ја оставам во моево дело за да биде дел од неговата основа“.