26. Приказна без живот

Можна ли е приказна без живот? Признавам, и јас тврдев дека не е можна до пред некој ден, откога сретнав еден раскажувач кој ми раскажа токму таква. Помисливте приказна за смрт? Не! Приказна без живот.

Раскажувачот не го запознав по име и презиме. Едноставно, ми пријде, седна на пристојно растојание на клупата во паркот, на која веќе седев некое време, и по некое време не доближувајќи се ми се обрати:

-Времево е убаво, а Вие и јас седиме на клупава како да нè уморило.

Му одговорив одречно:

-За разлика од вас, јас не седам за да одморам. Размислувам.

Тој:

-Не Ве прашувам за што размислувате зашто не ме интересира. Можеби би ме заинтересирало ако ми кажете, па тоа или дел од тоа да ни е заедничко односно да се однесува и на мене. Меѓутоа, јас веќе подолго време не размислувам за ништо.

Ме изненади:

-За ништо?! Можно е тоа? Мислам дека не е.

Продолжи да ме изненадува:

-Имам една приказна без живот што му ја раскажувам на секој со кого ќе споделам некое време од моето. Се разбира, и ако го интересира. Сакате да Ви ја раскажам?

Не знаев како да реагирам, што да му одговорам:

-Мене приказни не ме интересираат. Особено ако не се од животот и живи. Оние што ги знам, што сум ги запаметил се дел од мое или нечие искуство. Како ука и поука. Така што не ми е прифатливо дека може да има приказна без живот.

Стана упорит:

-Ви реков дека имам една таква…Ве интересира?

Му одреков:

-Ви реков не!

Замолче, а мене веќе ми стана непријатно да седам на клупата со него. Решив да станам, да го напуштам, но тој ме откажа од таа намера:

-Приказната не е моја, туку е баш искуство односно ука и поука. На една средовечна самохрана мајка која го напушти овој свет заедно со својата полнолетна ќерка. Која, пак, од раѓање боледуваше од неизлечива болест.

Го загледав и му одреков:

-Доволно раскажавте. Тоа не е приказна без живот.

Тој:

-Само ви кажав чија е, а не дека е тоа.

Прифатив да ми ја раскаже:

-Признавам, ме заинтересиравте. Раскажете ми ја.

Ми раскажа вистинска приказна без живот:

Во запустена и безживотна пустина, во непрегледна пустелија има мал куп камења што можеби го покриваат последниот живот, што е негов гроб. Можеби, зашто нема никаква трага или знак на оној што го направил, што го погребал. Само ветар залудно се обидува одвреме-навреме, којзнае од кога.

Замолче.

Јас:

-И? Што потоа? Што се случило? Се нашол некој? Го открил? Дознал чиј живот е покриен, погребан?

Раскажувачот:

-Нема потоа. Ниту се случило нешто, ниту се нашол некој, ниту се дознало за чиј гроб станува збор. Толку ми раскажа самохраната мајка.

Му побарав објаснение:

-Тоа е некоја метафора? Симболика? Можеби порака?

Тој:

-Не. Ви кажав. Тоа е приказната без живот.

Станав, се разделивме, го оставив сам на клупата. Си го продолжив патот длабоко замислен.

Признавам, само ветрот во приказната без живот не ми дава мир.