18. Раскажувачот

Сите знаат за него, нема кој што не го познава и не го слушал. Неподелено е мислењето дека никој поубаво, потопло, повпечатливо, понепосредно, подоживеано, а над сè позанесно не раскажуваше случени и од него измислени состојби, ситуации и секакви приклученија. Притоа е важно да се напомне дека ликовите и личностите во неговите приказни беа колку за измислени, исто толку, ако не и повеќе стварни и знајни.

Секогаш кога ќе се најдеше во друштво на ближни, пријатели, дури и на нему знајни и незнајни воопшто не беше тешко да се наговори да раскаже нешто. Нему, пак, не му требаше многу време да се определи за што. Водеше сметка за возрасноста на друштвото. Не за некаква содржинска соодветност, туку за поентата, пораката или поуката.

Неговиот последен расказ пред да замолчи за никогаш повеќе да не прозбори ни збор, беше токму за последен. Му го раскажа на родот собран околу неговата претсмртна постела. И јас меѓу нив, сеедно дали случајно како негов познајник.

Раскажувачот раскажа приказна за љубов меѓу два брега на мирна, бавна и бистра река. Ќе се обидам да ја прекажам, се разбира не ни близу како него убаво, топло, впечатливо, непосрено, доживеано и занесно.

Реката без никаква двојба ги создала двата свои брега со својата мирнотија, бавност и бистрина. Просто како да ѝ биле природени, незамисливи тие без неа и таа без нив. Биле песокливи, благо накосени, со небрежно расфрлани мали и големи камења; како ставени на точно определени места, во ред и меѓуредно. Биле стрмни само кога таа сечела планина на почетокот, недалеку од изворот, и кога минувала низ гол, сув и пуст предел. Со векови течела меѓу нив, притоа негувајќи ја, постојано богатејќи ја, облагородувајќи ја и бранејќи ја нивната љубов. Како секоја мајка љубовта меѓу нејзини чеда. Нивната љубов, пак, не би можела да опстои до нивниот последен заеднички ден без нејзината. Бранејќи ѝ ги мирнотијата, бавноста и бистрината.

Последниот ден на љубовта на двата брега бил последен и на нејзината. Очекувано? Па да, ако се има предвид дека тие едни без други не можат. Им го донел силно ветриште кое не престанало да дува до длабоко во ноќта.

Ветриштето најпрвин успеало да ја разбрани и распени реката, а потоа да ја замати толку што да нема ни трага од нејзината бистрина. До пладнето успеало да ја излее од своето корито и да ја натера да ги преплави своите два брега. До квечерта веќе не била истата, туку како мртва, како без душа.

Силното ветриште не престанало да дува до длабоко во ноќта. Всушност сè додека не му успеало да ја угасне љубовта меѓу двата брега. Таа се борела да опстои до последна сила, најдолго откога ги преплавила разбранетата, распенетата и матна река. Тоа било највидливо и најдокажливо со веќе изместените мали и големи камења од своите места, веќе во целосен неред.

На реката ѝ требале многу векови откако ветриштето фатило бестрага за да направи ново корито и да продолжи да тече меѓу два свои нови брега. Без љубов меѓу нив.

Раскажувачот го раскажа својот последен расказ и воздивна длабоко. Пред да замолчи за никогаш повеќе да не прозбори ни збор, на родот собран околу неговата претсмртна постела му докажа како поука (слушнав и јас меѓу нив):

„Во животот најсилна е љубовта која не можат да ја угаснат ни најсилни ветришта“.