17. Две реки

Сирма Стамеска, жена со набрчкано лице и исушена како ставелка:

-Ги запознав суштините на две реки што течат една покрај друга и се меѓусебно најдалечни пред нивниот влив во мирна вода. Ми требаше многу време, им посветив голем дел од животот. Ги следев од нивните извори во подножје на голема и стара планина, им го следев течението низ пусти и каменити предели сè до понирањето пред плодна земја; од повторното излегување на виделина и излевање од своите корита во невреме, па сè до нивното минување низ рамнотежен живот на луѓе и природа. На крајот, пред влив во мирна вода, решив да се вратам на почетокот, на нивните извори.

Ја познавав одамна, уште од млади години. На повторната средба ни трага од нејзината личотија, полетност и животворност. Ме препозна како нејзин ближен.

Продолжи со спокоен и тивок глас, едвај чујно:

-Решив да се вратам на почетокот на изворите на двете реки, ама се сомневам дека ќе успеам одново да ги следам до нивниот влив. Знаеш зошто? Затоа што овојпат тоа нема да го сторам за одново да ги запознам нивните суштини. Не оти нема потреба или оти ми е просто ми е глупаво, тоа би значело дека или не сум сигурна во запознаеноста или таа за мене не е доволна, не е целосна, туку целта ми е сосем друга.

Ѝ го прекинав исказот со барање:

-Чекај малу! Ќе ми ја докажеш, важна ми е, ама не ги кажа, ниту ги образложи запознаените суштини.

Продолжи Сирма Стамеска:

-Суштините на двете реки се спротивни, дури спротивставени. Еднакво колку што течат една покрај друга и кога се најдалечни пред нивниот влив во мирна вода. Едната е дека животот ѝ зависи од времето и брзината на течението, а другата од просторот низ кој тој минува. И притоа едната суштина е траењето на творечката енергија, а другата смислата на опстојувањето.

Туку, да ти докажам за целта на моето враќање на почетокот на изворите односно повторувањето на моето следење што се сомневам дека ќе го завршам.

Ја поттикнав:

-Те слушам внимателно зашто те разбрав сосем.

Продолжи:

-И покрај тоа што годините ме исушија како ставелка, се надевам дека од изворите на двете реки ќе ги впијам сончевите, месечевите и ѕвездените зраци, како што воскликна еден поет откако му успеа тоа во еден стих. Значи, ќе ме преродат или ќе ме родат одново. А големата и стара планина, што ќе биде дел од мене, ќе ја искачуваат мои рожби и ближни. Ќе им го следам течението низ пусти и каменити предели сè до понирањето пред плодна земја откривајќи ги трпеливоста и страдалништвото при човековото извишување. Моја цел од следењето на нивното повторно излегување на виделина и излевање од своите корита во невреме, па сè до нивното минување низ рамнотежен живот на луѓе и природа, е да преживеам нова авантура на откривање на свет помеѓу раѓање и умирање. Доколку успеам, на крајот ќе бидам задоволна и јас од себеси и мојата сенка од сè што сме минале и надминале заедно.

Сирма Стамеска веќе не ми иде на сон.