126.

Еве нѐ пак, јас и поблиски сожители во домов, приклучен и писателот, испоседнати во круг во просторијата за дневен престој и забава. Јас стојам во средината. Тоа не ми е баш пријатно, не сум некаков предводник или некаков стручен предавач. Прифатив на нивно инсистирање за да можам да им се обраќам на сите и мигум да се свртувам кон оној на кого му одговарам на какво било прашање или, пак, да размениме мислења и ставови.

Им најавив дека на ред ни се зигуратите и прашав колкумина од нив првпат слушаат за нив. Сите кренаа рака освен Госпоѓата, со која односот од ден на ден ми е сѐ поприсен. Неретко поголемиот дел од денот го минуваме заедно во нејзината соба, во која е сѐ уште сама. И писателот, мојот цимер. Значи, нужни се основните информации.

Јас:

-Зигуратите се најнепосредно поврзани со вавилонската религија, тие се едни од најважните и најпознатите. Станува збор за големи скалести градби до небо, со храм на врвот. Тој е посветен  на градското божество. Тоа за најнапред да го догледа секој што ќе му се доближи на градот. Се смета дека не биле само верски средишта, туку и средишта на граѓанската гордост. Биле градени во огромни димензии.

Познати се димензиите на вавилонскиот зигурат, а благодарение на една пронајдена плоча. Од седум скалила единствено не се познати димензиите на шестото. Целиот храм бил висок повеќе од триста метри. Основната структура ги содржи скалила од глина, однадвор обложени со тула. До врвот на градбата воделе широки странични скали. Околу основата на зигуратот се наоѓале низи на згради-килери, за сместување на свештениците и други поврзани со храмот.

Ме слушаат со внимание, молчешкум. Очевидно, очекуваат уште. Продолжив:

-Сето ова и многу повеќе можете да го прочитате во која било општа енциклопедија или во слободната енциклопедија Википедија на Интернет. Од нив и ви пренесувам.

Помеѓу најраните зигурати се секако оние што ги изградил Ур-Нам, еден од сумерските кралеви на градот Ур. Биле градени на три нивоа. Подоцнежните, пак, имале и по седум.

Сега нешто на што сакам да обрнеме посебно внимание: слични градби како зигуратите се откриени на другата страна на светот, во централна Америка! Имено, Астеците и други што ја населувале таа област, граделе големи скалести градби за обожување на своите богови, и тоа три илјади години по месопотамиските.

Госпоѓата која е секогаш облечена во шарен едноделен фустан до подот:

-Сугерирате дека тие две древни цивилизации всушност биле една или биле слични, блиски?

Јас:

-Не сугерирам, туку само укажувам на духовните врски кои постоеле отсекогаш, а денес се поцврсти и побогати од кога било. И дека нивната близост не треба да ја мериме само просторно-временски. Не сум експерт, туку сум ист како вас, љубопитник, посветен на проучување на древните цивилизации и нивните траги во времето. Можеби и на иста или слична живеачка, различна само според прилагодувањата на климата и другите услови. Подоцна ќе ви раскажам нешто важно роднокрајно.

Продолжив:

-Лесно може да се претпостави која била улогата на зигуратите во религијата: биле градени за да ги дофатат небесата, за боговите да бидат повикувани и обожувани, луѓето да бидат поблиску до боговите. Вавилонците, но и други со нивната религија граделе зигурати. Разбирливо, им граделе храмови и на други богови, но зигуратот бил посветен само на богот на градот.

Постои документација за зигурат кој постоел во времето на Набукодоносор II, кој ги прогонил Евреите. Во времето на неговото владеење тој зигурат веќе бил стар, а некои учени тврдат дека е можно оти бил ист како и оној што постоел во времето на владеењето на Хамураби. Неговото вавилонско име било Етеменаки, што во превод значи Куќа на платформата на небото и земјата. Овој храм често го доведуваат во врска со Вавилонската кула, а која луѓето ја граделе за противничкиот бог. Интересен заклучок: Израелитите се соочиле со големината на Вавилон, кој во тоа време се простирал на обете страни на Еуфрат, а здогледувајќи го зигуратот имале впечаток дека можат да го допрат небото, бидејќи тие живееле во мали, приземни куќи. Многумина Евреи го виделе кога биле прогонети во Вавилон, околу 600. година прд нашата ера, а тоа сигурно ги потсетило на настаните во Вавилонската кула. Познато е дека Библијата малку зборува за зигуратите, но постојат други извори. Таканаречената вавилонска плоча ги прецизира димензиите на тој зигурат. Тој бил во уртнатини кога Александар Македонски дошол на овие простори, околу 331. година пред нашата ера.

Госпоѓата што од ден на ден ми станува сѐ поблиска:

-Што е важното роднокрајно?

Јас:

-Јас сум Македонец, поткнувам од Македонија. Претпоставувам дека сте чуле за неа, слушате во последно време за жал не многу пријатни вести. Дека октроирана власт со договор со нејзиниот јужен сосед Грција ја преименува, поточно ја разнебитува сосе македонската нација. Според сѐ поголем број учени во светот, Македонците се една од најстарите светски цивилизации, ако не и најстара, на која со умноста, создадените вредности, култура, писмо, јазик најмногу ѝ должат Европјаните.

Македонците отсекогаш биле и се големи градители, изградиле бројни големи зданија во Европа, Азија и Северна Африка, меѓу нив и едно од седумте светски чуда-Вавилонската кула.

Можеби знаете, таа кула претставува симбол на култот кон сонцето и  универзумот. Го носела името Зигура, што на древномакедонски јазик значи Ѕвездена, а исто значи и на современ македонски јазик, со исто значење: Си-гура, пат кон ѕвездите.

Големиот древномакедонски поет Хомер во својата Илијада дава драгоцени податоци за древномакедонската цивилизација. Илијада е изворен пелазгиско-античко-венетско-македонско-словенски збор, иде од коренот илиј со значење сонце и придавката ада со значење земја. Според тоа, илијада значи сончева земја. За современите Македонци сонцето е симбол за етногенородот и едновремено потврда на македонскиот идентитет во сончевата земја Македонија!

Дофрлува писателот, мојот цимер:

-Не се ли тие сознанија и заклучоци преамбициозни?

Јас продолжувам по малку возбудливо:

-Поемата Илијада изобилува со зборови кои и во современиот литературен македонски јазик егзистираат во архаизмите. Денес во Македонија постои лингвистички и друг доказен материјал стар најмалку 25 000 години, а кој претставува идентична основа на современото македонско писмо и јазик.

Начинот на кој пишувале и читале Древномакедонците бил од десно на лево, а македонското фонетско писмо од раниот неолит значајно не се разликува од денешното современо македонско писмо, таканаречено кирилично, туку е осовременето од Св. Кирил и Методија.

Веќе започна квечерта и јас запрев, извинувајќи се за времето што го одзедов од нивното. Реагира писателот:

-Не ни одзедовте, напротив! Ова Ви беше одличен вовед во темата на следниот наш собир за која сум сигурен дека сме сите мошне заинтересирани-геноцидот и етноцидот на малите народи од страна на велепредавничка октроирана власт.

Им се приклучуваме на останатите во трпезаријата. Време е за вечера.