Од дваесетината во домов за стари, овде во Сиднеј, само седдумина на различни години, од кои две дами и петмина господа, се уште здрави и при здрав ум. Со љубопитство измешано со рамнодушност прифатија да им зборувам за религијата на Инките, а за која деновиве прочитав и осознав прилично. Испоседнавме во просторијата за дневен престој и забава, јас пред нив:

-Што најмногу им олеснило на Шпанците брзо да ги поробат и да ја збришат нивната цивилизација? Малкумина знаат за синовите на Виракоќа. Имено, Инките така ги нарекувале оти ги почитувале како божества кои ги исчекувале да дојдат за да им помогнат во борбата против владетелот тиранинот Атахуалпа. Имено, тие верувале дека на еден од кралевите во сон му се јавил дух кој му раскажал дека ќе се појават божји пратеници, ги нарекол Виракоќа, кои ќе ги спаси од еден владетел. Ги опишал со брада и облека која им го покрива целото тело. Инките биле ќосави и не ги покривале целосно телата со облека. Тие верувале во едно божество што ги создало човекот и светот. Го викале Виракоќа. Човекот го создал од камен, а потоа направил сонце кое го нарекол Инти. Инти е нивен Татко и затоа тие се нарекувале Деца на Сонцето.

Ми влезе во зборот Господинот со долга бела бреда и без влакно на главата:

-Јас имам доста прочитано за древната македонска цивилизација. Што мислите, може ли да се постави аналогија со македонското сонце? И на древните Македонци сонцето им било татко, а земјата мајка. Патем, ми паѓа на ум една македонска изрека за издржливоста и жилавоста: „Ние сме од камен создадени“.

-Не знам колку сте проучувале, но само ќе наведам дека богот Сонце, кој се викал Ѕе и значи Оној што гледа сѐ, Врховен владетел, Божество на Летата, Свето Око, Велико Светло, е едно од нивните врховни божества. А треба да се има предвид и големата почит спрема Големата божица Мајка Мо, односно Големата Мајка на светот-Македонија. Многу е интересно дека во еден од најстарите јазици на светот, Хинди, „Македонија“ буквално значи „Светот на Мајката“. Но, за македонскиот пантеон ќе зборувам и ќе разговараме другпат. Да докажам за религијата на Инките.

Во храмот на нивното Сонце во Куско, Корикаќа, тоа е претставено со кип или златен диск. Добро е познато дека принесувањето жртви на богот Сонце за нив било посебен ритуал токму зашто бил најважен. На жртвеникот биле принесувани домашни животни, живина и зајаци, но и разновиден зеленчук, напитоци и парчиња облека. Н крајот од обредот ги кревале главите кон небото и му упатувале бакнежи на Сонцето во знак на благодарност. Се разбира, како и сите други древни народи, и Инките обожувале и други богови-месдечината, молњите, ѕвездите, божилакот, плодноста, земјата и морето. За разлика од другите на просторите на Јужна Америка во тоа време, кај нив било строго забрането по нечија смрт на боговите да им принесуваат човечки жртви, а и не јаделе човечко месо. Тешите болести не ги доживувале како казна, туку како можност што побрзо да се соединат на небото со своето божество. Тоа значи дека смртта за нив била само средство со кое тоа успевале да го остварат.

Свештениците во главниот град морале да бидат од кралско потекло-брат на кралот, чичко или некој од блиските роднини, а во провинциите оние што вршеле обреди во храмот на богот Сонце не биле роднини на главатарите на провинциите, но морало да постои и главен свештеник со кралска крв.

Врховен свештеник, кој управувал со религијата, бил Виљак Уму, а тоа име значело врач или волшебник. Тој не само што бил мудар, туку можел и да ја претскажува иднината и да толкува соништа.

-Очигледно, многу сте се посветиле на проучување на Инките и имате големо знаење,-се јави една од двете дами, седната поблиску до мене од другата, со големи очила и седа коса собрана во пунџа. Ме слушаше внимателно. Целиот работен век го поминала како универзитетски професор по математика. Дванаесет години живеела во Мелбурн, постојано во високи интелектуално-бизнисменски кругови, па дошла во Сиднеј за да создаде семејство, остатокот од животот да не го мине сама. Но не се омажила и останала без рожба. Во домов е веќе четири години, собата ја дели со неподвижна старица на која ѝ се избројани часовите. Почитувана е од сите, сите го посакуваат нејзиното друштво, да поразговараат час-два за што било. Секогаш стокмена, елегантно облечена. Скромна, ненаметлива, молчалива. Поголемиот дел од денот го минува гледајќи документарни филмови на телевизија и читајќи белетристика.

-Не само на Инките,-додавам,-туку на сите познати древни цивилизации. До толку што лесно се пренесувам во нивните светови, станувам дел од нив.

-Навистина?!-реагираше таа изненадено.

-Да. Еве, на пример, сега можам да се сретнам со Виљак Уму и да го замолам да претскаже нешто од иднината на Инките.

Таа:

-О, па Вие сте се стекнале со голема моќ. Натчовечка.

Јас:

-Не е така. Јас мислам дека секој може ако се посвети целосно…

Ми влегува во збор:

-Ќе го замолите?

Јас по некоја секунда сосредоточување, со затворени очи:

-Виљак Уму претскажа дека неговиот народ ќе биде сотрен затоа што е невозможно сплотување на два спротивставени човечки света: на Инките, со затврдени култура, традиција и вредности од една, и на синовите на Виракоќа кои ги сметаат за божји пратеници, а всушност се сурови завојувачи, освојувачи и поробувачи; крволочна војска која убива луѓе, ама не јаде човечко месо. Тоа е исто како два различни распламтени огна; едниот што гори сѐ пред себе, а другиот кој ги грее свеста и крвта, ги извишува, ги возвишува, едновремено бранејќи го од мразнини нивното достојание. Тие ту се доближуваат ту се оддалечуваат, ама никогаш нема да станат еден. Ниту некогаш ќе угаснат. Дури и кога ќе почнат да горат во заедничко огниште. „Ќе нѐ сотираат долго, со векови, ама не ќе можат да ги збришат сите траги на нашето постоење“, потенцира тој.