116.

Деновиве нешто чудно се случува со мојата Госпоѓа! Досега ова не го правела. Ниту најавувала, ниту насетував. Почна наеднаш претпладне, воопшто не обрнав внимание на нејзиниот одговор на моето сосема необврзно прашање, а следниот ден се подзамислив кога ми откри што е.

Воопшто не ѝ е својствено да молчи долго. Молчешкум се движи и работи по дома, излегува којзнае каде без мене и долго не се враќа.

Ја прашав:

-Што ти е, моја Госпоѓо?

Таа:

-Ништо.

Ја допрашав:

-Како ништо? Јас не те познавам ваква. Нешто не ти е погодено?

Таа:

-Нема такво нешто. Всушност…Мислам дека обајцата ќе мораме да донесеме одлука…Време е.

Јас изненаден и со непритаена нервоза во гласот:

-Каква одлука?! За што е време?

Таа бавно и замислено:

-Ние сме заедно…сами, сѐ поосамени и…од ден на ден сѐ понемошни…А ти, мој Господине, нели ми зборуваше за исчезнување?

Јас:

-Да, ми иде да исчезнам како син ми. Да исчезнам…од овој живот. И некое време да поживеам во друг…како незнаен.

Нејзиниот одговор на кој воопшто не обрнав внимание:

-Има мошне едноставен начин за тоа…според нашиве години. Да сме со луѓе исти како нас, во друштво и соживеачка…Безгрижни.

Наместо да ја допрашам што сака да ми каже или да промислам, јас констатирав рамнодушно:

-Па да, во право си. Ама не си домислила којзнае што. Потврдено е одамна, сеедно дали во богато или сиромашно опкружување. Особено кога човек веќе нема поткрепа од никого.

Следниот ден излезе дома рано, во утрински час за, како што ми образложи, да се сретне со некои луѓе за нешто важно во врска со нас. Се врати доцна попладне.

-За малку ќе ме оставеше без ручек, моја Госпоѓо. Ти да не ручаше со луѓето со кои си била? Што е тоа нешто важно во врска со нас?

-Гладен си?

-Не баш. Прво кажи ми.

Седнавме во дневната. Некое време ме гледаше втренчено и молчешкум. Ме предупреди да слушам внимателно и да не реагирам непромислено. Раскажа речиси без здив, а јас не ја прекинав додека не заврши:

-Јас, мој Господине, никогаш не сум ти се пожалила на здравјето, ама е време да знаеш. Бев на лекар и по детални испитувања се потврди дека…немам уште многу време. Боледувам од прогресивна деменција…Алцхајмер….Одлучив да се сместам во дом за стари лица…дури не ми дојде часот. Би сакала да ми се придружиш, да останеме заедно, но ти размисли.

Ме изненади? Само мигум. Не дека не забележував промена кај неа во последно време, ама…

Се подзамислив. Ја прашав:

-Затоа ли вчера ми го спомна исчезнувањето? На тоа мислеше како мошне едноставен начин според нашиве години? Да сме со луѓе исти како нас, во друштво и соживеачка? И безгрижни?

Таа:

-Да. Бев, видов, се договорив. Престој со целосна нега и контрола на здравјето. Има дваесетина на наши години, мажи и жени. Во пространи и убаво опремени апартмани. Имаат и мала, но богата библиотека. Видов многу енциклопедии, историски дела, за древни цивилизации…

-А куќава? Да ја продадам?

-Како сакаш. Твоја е. Иако не знам кому би му ја оставил…Јас можам да плаќам за мене.

Се подзамислив, очигледно се изненади кога се насмеав и ѝ одговорив кусо:

-Јас сам во куќава? Без тебе, моја Госпоѓо? За што ме мислиш ти мене?…Велиш деменција, а? Алцхајмер?…Па што?…Знаеш, јас се чувствувам здрав и прав, ама како би можел без тебе?…Домот има богата библиотека? И за моите истражувања на древни цивилизации?…А баш почнав да се запознавам со религијата на Инките. Ме привлече нивниот бог на Сонцето.

Нѐ фати силна смеа.`