115.

Ѝ раскажувам на мојата Госпоѓа:

-Не ми беше првпат некое време да престојувам во Месопотамија. Втопрат ми беше, ама си признавам на себеси дека ми беше најнеобично од сите досегашни престојувања во други древни цивилизации. Најнеобично? Можеби е поточно дека бев прилично збунет, со многу прашања на кои не можев да одговорам, а не ги наоѓав на ниедно место, на ниеден артефакт, знак, здание, во населен или пустошен предел.

Кога престојував првпат, брзо сфатив дека знаењето ми е многу скудно и површно, па ја напуштив пред да се сретнам со некои од видните Сумерци, Акадијци, Асирци и Вавилонци, од кралевите и божествата. Вториот пат не беше така. Долго ја откривав, учев и осознавав.

Зошто тој престој ми беше најнеобичен? Зошто бев прилично збунет? Да не беше затоа што цивилизцијата на Сумерите не пропаднала, туку се стопила со вавилонската, а што го потврдува моето стојалиште дека древните цивилизации исчезнуваат бавно оти не успеваат да се прилагодат на природата, на нејзините ту бавни ту брзи промени, како и на нивното опкружување. Или воопшто не исчезнуваат, туку остануваат во минатото со траги чие откривање на своевиден начин ќе ги оживее во сегашноста и иднината.

Таа:

-Што мислиш, мој Господине?

Јас:

-Сигурно е затоа… Ама и поради друго.

Таа:

-И? Како беше второто?

Јас:

-Најнапред морав да ги совладам Тигар и Еуфрат не препливувајќи ги, немам ниту сили ниту способности за таков потфат, а згора тие се нескротливи, непредвидливи и самоволни. Особено Еуфрат. Едноставно ги прелетав и слетав во меѓуречјето, на просторот помеѓу нив на кој таа се простирала; до планините на Ерменија на север, до Персискиот Залив на југ, до Сирија на запад и до планинските венци на Западен Иран на исток.

Мојата Госпоѓа:

-Остана во историските рамки?

Јас:

-На почетокот да, но при средбите со некои од кралевите и божествата разбирливо не.

Мојот втор престој во Месопотамија го ограничив временски од 3100 г.п.н.е. до паѓањето на Вавилон во 539.г.пр.н.е. под Ахеменидското царство. Станува збор за претежно пустинско пространство на север и мочуришта, лагуни и калливи рамнини на југ, од изворите во ерменските планини сѐ до сврзувањето на двете големи реки и нивното влевање во Персискиот Залив.

Според мене, од несомнено големо значење е тоа дека Месопотамија е една од четирите речни цивилизации кај што е измислено пишувањето, покрај долините на Нил, Инд и Жолта река. Не се надевав дека ќе се сретнам со Ур Наму, кралот на Ур, Саргон од Акад, основачот на Акадската империја, Хамураби, основачот на вавилонската држава или со Тиглат-Пилесер, основачот на Асирското царство.

Првите неколку недели ги поминав во градовите Урук, Нипур, Ниневија, Асур, Вавилон и Ериду. Мислам дека и за тебе е очекувано, би рекол нормално што најнапред се соочив со сумерскиот и акадскиот јазик. Придржувајќи се строго на она што го научив и разбрав, со оглед на тоа што и најголеми учени не успеале да ги научат, да ги одгатнат сосема, а камо ли јас.

Таа:

-Нели имаш кажувано некои нешта за нив кога си го читал и проучувал Епот за Гилгамеш?

Потврдувам:

-Да, маргинално и површно.

Продолжувам:

-Сумерскиот е најстар јазик во Месопотамија, а по него иде акадскиот. Затврдено е дека Сумерите се првата светска писмена цивилизација, позната и според изградбата на големи градови-држави, со зигурати-кули среде храмовте. Нивно главно занимање било земјоделство и сточарство. Живееле во колиби од глина и трска, граделе иригациони системи, насипи и вештачки езера, а рано почнале да го употребуваат бакарот. Првите писмени наоди се глинени таблички со записи на количеството просо принесено во храм.

Сумерскиот се говорел од средината на четвртиот милениум пр.н.е., а тогаш е измислено и клинестото писмо-во форма на клин. Така е наречено според триаголниот врв на иглата што се употребувала за знаците на влажната глина. Станува збор за логографичи систем кој е многу тешко да се совлада. Не ги бележи верно гласовите и не е познат точниот изговор на сите симболи. На преминот од третиот во вториот милениум пред нашата ера акадскиот јазик го заменува сумерскиот како говорен, а тој продолжил да се користи како религиозен, церемонијален, книжевен и научен сѐ до првиот век од нашата ера. Мошне е забележливо лексичкото, синтаксичкото, морфолошкото и фонолошкото влијание на сумерскиот на акадскиот јазик.

Доцна е, моја Госпоѓо, веќе е два часот по полноќ, па ќе продолжиме другпат. Сега само да те потсетам на некои основни нешта за старомакедонскиот или античко-македонскиот јазик, за твое промислување на не само временската поврзаност со сумерскиот:

Населението на Античка Македонија старомакедонскиот го говорело во текот на I милениум пр.н.е. На Каменот од Розета се откриени три ракописи, меѓу кои и античко-македонското писмо користено и во времето на Александар Македонски. Тој јазик нема апсолутно никаква врска со античкиот грчки. Со ништо не се ни допираат. Бил близок со тракискиот, а особено со јазикот на Фригите. Тоа го потврдиле многумина учени кои работеле во Александриската библиотека. На пример, граматичарот Америас забележал низа македонски зборови. Кај Хесихиј се означени како „македонски“ и/или „земени од Америас“. Станува збор за 85 зборови кои се обележани со „кај Македонците“ или „Америас“. Македонски зборови има во дела на византиски автори и лексикографи, на пример кај Плутарх, Климент Александриски, Фотиј, Суида и други.

Веќе е затврдено дека гласовниот систем на античкиот македонски јазик имал 25 согласки и 8 самогласки. Многу е честа употребата на буквата ѕ, што е специфика и на современиот македонски. А во ниеден друг соседен јазик таа не е застапена. Интересно е и дека во античкиот македонски јазик не е забележана буквата њ.

Не се сеќавам дали сум ти спомнал дека кај Хомер е присутен античко-македонскиот јазик, и тоа за македонските топоними и македонската историја.

Веќе е три часот по полноќ. Ведра ноќ во Сиднеј. И многу жива, како секоја друга.