113.

Близу е полноќ, а нам не ни се спие. Денот ни беше мошне напорен. Го исполнивме со прошетка низ Кралската ботаничка градина, Хајд паркот, го посетивме и Аквариумот, најмногу време минавме во него, а за првпат заедно се искачивме и на 305-метарската кула од која Сиднеј се гледа во сета големина, широчина и разновидност на животот. Се уморивме? Не, зашто далечините од едно до друго место ги минавме со такси. Не ни се спие, а тоа ни се случува поначесто во последно време. Притоа, најчесто гледаме телевизија, на некој канал наоѓаме нешто што ќе нѐ заинтересира зедно, најчесто документарен филм, и не ни забележуваме кога ќе мине полноќ. Овојпат решавам да ѝ ја откријам мојата мала тајна.

Го отворам лаптопот, го вклучувам, во Ворд документи го избирам „Безмерноста на човековата самосвест“ и ѝ велам:

– Драга моја Госпоѓа, сакам да ти откријам една моја мала тајна. Можеби нема да те изненади, за тебе нема да значи којзнае што, но мене ми значи како трага на моето постоење и мојот опстој. Што ја оставам за по мене. Види. Со години наназад под овој наслов пишувам за моето лично и заедничкото минато со мои ближни. Од случувања, доживелици, секидневности, пресвртни ситуации, средби, разговор. Едновремено или наспоредно со мои согледби, промислувања и становишта за трагите на древни човекови цивилизации. Станува збор за мој исказ во кој е стожерно огништето како самосвест, како идентитет, како корен, како самобитност. Од сите негови аспекти и со сета негова комплексност.

Мојата Госпоѓа:

-Тоа е мошне интересно и мошне амбициозно од тебе, мој Господине. А која ти е целта? Да го објавиш во печатен, електронски формат? Како книга? Можеби книжевно дело? Со него да се промовираш како писател?

Јас:

-Ништо од тоа! Веќе реков, тоа е само мој исказ како трага на моето постоење и мојот опстој. Која можеби ќе се открие, ќе се обелодени, а може со време времето да ја завее.

Мојата Госпоѓа, љубопитно:

-Ме има и мене во него?

Јас:

-Секако. И ти си ми во ближните. И со тебе имам свое и заедничко минати. И сегашно.

Мојата Госпоѓа:

-Па, ќе ми прочиташ нешто или е доволно што ми ја откри твојава мала тајна, па од утре…

Јас:

-Јас и ти во последно време често расправаме за актуелните драматични настани во и со нашата татковина, а кои се без преседан во историјата на човековата цивилизација: велепредавството на власта, нејзината согласност Македонија да се преименува, да се избрише како да не постоела досега, да се разнебити. И тоа заедно со идентитетот на македонскиот народ и македонството. Па еве, повели, прочитај нешто од далечното минато што можеби досега не си го знаела или за што не си промислувала доволно. Ова е моја согледба односно синтеза на неколку енциклопедиски одредници, историски единици, делови од студии и новинарски написи.

Ја оставам да прочита:

Она што со децении наназад му го прават соседните држави на македонскиот народ, во Македонија, едновремено со македонските малцинства во нив, е несомнено геноцид, етноцид, всушност класичен наци-фашизам! Негирање, бришење, разнебитување, обид за самоукинување. Дали конечно ќе успеат? Никогаш не биле поблизу до таа цел, и тоа со сестрано учество на актуелната поданичка, платеничка и велепредавничка политичка елита на власт!

Постојат бројни мали, но и големи народи во далечното и блиското минато на човековата цивилизација кои ја доживеале или сѐ уште ја доживуваат истата судбина. На пример американските домородци, со кои се случувало истото, дури во детали, а чија „приказна“ е завршена дури по повеќе од два века.

Имено, на домородечките народи на американскиот континент, кои погрешно и навредливо се наречени „Индијанци“ (Indians), им  припаѓала земјата што се протега од арктичка Канада и Алјаска, па сѐ до Огнената земја во Чиле и Аргентина. Толку големото пространство денес со закон од 1834. година е сведено на таканаречената Индијанска територијата во Арканзас и Оклахома. На неа се принудно преселени таканаречените „Пет цивилизирани племиња“ од југот, меѓу кои Чеените и Апачите,  по „Патеката на солзите“. А меѓу многубројните племиња висок цивилизациски развој достасале Олмеците, Толтеците, Маите и Ацтеките од Мексико, и Инките од Перу. Денес малкумина нивни припадници живеат во резервати, најмногу во Канада, САД и Бразил.

„Македонија“ е библиско име, а најстарите траги од животот на Македонците потекнуваат од периодот на неолитот. Според археолошки наоди, на просторот на Македонија постоела цивилизација во периодот помеѓу 9000 г.пр.н.е. и 3500 г.пр.н.е.

Македонското Кралство се јавува во IX в.пр.н.е., а прв македонски крал е Каран кој се смета за митски предок на Аргеадите. Пердика I е прв историски крал. Од V в.пр.н.е. Македонското Кралство станува значаен политичко-економски фактор, а било сосредоточено на односите со грчките градови-држави. Притоа сојузувало со други држави против Грците.

Филип II Македонски, од 359. г.пр.н.е до 336. г.пр.н.е. прво ги покорил Илирите и Тракијците, а потоа ја освоил цела Грција. Откако Александар III Македонсии, од 336. г.пр.н.е. до 323. г.пр.н.е., ја уништил Персија ја создал Македонската Империја која се протегала на Балканскиот Полуостров, Мала Азија, Блискиот Исток, Египет и Индија. По неговата смрт, неговите генерали-дијадосите го поделиле на три дела-Кралство на Селевкидите, Кралство на Птолемаидите и Кралство на Антигонидите.

Во македонско-римските војни, што траеле од 215. г.пр.н.е. до 168. г.пр.н.е. Кралството на династијата на Антигонидите потпаѓа под римска власт, а последниот македонски крал Персеј е заробен и одведен како роб во Рим. Станува римска провинција како дел од Римското Царство, поделена на Македонија Прима и Македонија Салутарис.

По поделбата на Римската Империја во 395. од н.е., на Источно и Западно Римско царство, Македонија станува дел од Источното или Византија.

Не е првпат да се прави обид за бришење на Македонија и разнебитување на македонскиот идентитет. Историски податоци уште од времето на Римјаните го потврдуваат тоа.

Во времето на Диоклецијан, во 297. година Римското царство е поделено на 12 големи диецези составени од 100 провинции. Од провинцијата Македонија се формирани три нови-Тесалија, Нов Епир и Македонија. По пропаѓањето на Западното Римско царство, во 476. година, Готи на чело со кралот Теодорих ги опустошувале двете Македонии, значи Македонија Прима и Македонија Салутарис, и Тесалија, а стасале дури до Термопилите и Стар Епир.

На крајот од V век територијата на Македонија, во нејзините историско-географски и етнички граници, како составен дел на Византиското царство, административно влегла во рамките на префектурата Илирик.

По пропаста на Западното Римско Царство, нападите на варвари, особено на Словени и нивно населување на Балканот, во Македонија се промовира терминот Склавинија. Мошне е значајно тоа дека по формирањето на темата Македонија во Западна Тракија настанува мешање на историско-географскиот поим Македонија со неговото историско-географско и административно значење во раниот Среден век. Територијата на Македонија е главно во рамките на провинциите Средоземна Дакија и Дарданија.

Познат е списот „Чудата на свети Димитриј Солунски“, од втората половина на VII век, чиј автор е солунскиот митрополит Јован, во кој Македонија се спомнува во нејзиното географско, а не во провинциското значење. Се смета дека е тоа поради населувањето на Словените и сѐ позачестеното користење на терминот Склавинија за областите населени со нив. А византискиот хроничар Теофан Исповедник, роден околу 760. година во Константинопол, во делото „Хронографија“, напишано помеѓу 810. и 815. година, што го опфаќа периодот од 284. до 813. година, пишува за населувањето на Словените на Балканскиот Полуостров, следствено и во Македонија, но и на територијата на Грција сѐ до Пелопонез. Воопшто не го спомнува името Македонија. Тие области тој ги нарекува Склавинија, а жителите Словени. Ја спомнува и склавинијата Берзитија, територијата на словенското племе Берзити.

На крајот од VI век и почетокот на VII век Македонија се спомнува ретко, кон крајот на VIII век и почетокот на IX век Византија ја формирала темата Тракија, а во рамките на западна Тракија темата Македонија. Според некои учени, тоа го сториле побегнати Македонци и бегалци од други области на Балканот.

Мојата Госпоѓа прочита, го затвори лаптопот и коментира:

-Горе-долу познато.

Јас:

-Па, ти реков дека е моја согледба односно синтеза на неколку енциклопедиски одредници, историски единици, делови од студии и новинарски написи. Додавам: како дел од огништето во сета негова комплексност и безмерност. Сосе човековата самосвест.

Таа:

-А што е со твојата преселба во македонската древност? Овојпат и јас со тебе, мој Господине?

Јас:

-Допрва…Допрва.

Полноќта беше одамна мината. Си легнавме.