46. Преумора

Стана пуста желба
некогаш да најдеме
извор во нашите снаги
со години в коски
за чисто небо,
ниту да се радуваме
паѓајќи, станувајќи,
слегувајќи, легнувајќи,
лизгајќи се,
тркалајќи се прудолу
кон подножја
на освоени врвови
во долг,
немерлив умор;
сосе сенка од сонце
во нашите зеници
или само сонце
до нас легнато
за спокој и бдение.

Тоа беше дрво
на последниот врв
од нас искачен;
кора со наша крв,
бел лист единствен,
последен
од дамнешна младост;
осаменик.

Тоа беше непознат цвет
пронајден случајно
трчајќи во високи треви;
прикажан во сите детали
на камен
од којзнае кој век.

Стана пуста желба
да имаме една,
макар последна
како прва
и единствена мугра,
како жена и маж
во љубовен занес,
како сино око на миг
долг колку цел живот.

Конечно да заборавиме
на багремот
со раширени корења
и трње
низ кои не може
да се мине во болка
оставена, та заборавена
во некој агол
на свет од дребулии
и детски играчки,
опстоен уште само
меѓу слепи патници
во беспаќе.

Нашите лица ние
одамна
не си ги препознаваме
оти ни се
со избраздени образи
оти ни се
со набрчкани чела;
додека стоиме
пред градина за почин
со мажи и жени
неизвишени,
како без свои години.

Стоиме како да чекаме
некоја нова,
непозната птица
од којзнае кој предел,
преселница, прелетница;
да ни донесе
непроодни, недоодни
шуми
со длабоки сенки
во клунот, во крилјата,
во канџите;
која на грбот носи
непознати знаци
по крвава битка
со слободен воздух,
од отворени живи рани,
јадни,
сокриени, покриени,
облечени во излитени,
испокинати,
износени облеки.

Надреалноста
ја продолжуваме
преуморни,
во мене, во тебе,
над земја, под земја,
без глас, без трага
знајни, незнајни.

Одамна е јасно
дека никогаш нема
да ни дојде на ред
свет во игра со коски
на конечно освоени
наши врвови голи.