41. Од моите вистини

Со којзнае колку денови
и ноќи без празнување
доаѓам и заминувам
од овој миг со тебе.

Во којзнае која болка
во народ насобран
околу суво речно корито
постаро од неговиот опстој,
сосе гол и чекорен камен
до еден од извишените
како планина помеѓу нив,
една љубов
стои пред обична шума
како сите во поблиското
и подалечното минато
со испосечени дрвја,
опожарени до корени,
надежна за друг
и по нас и зад нас.

Убавината на секој
нов ден
ни е толку блиска
што не можеме
ниту да ја допреме,
а да не нѐ заболи.

Или модра од удари
на пресилни зборови,
кои ни во точка
ни во запирка
немаат запир,
а поради еднакви
пристапи во опстојот
внатре, помеѓу коските.

Да, во право си надежна
оти нѐ чека почиста
од море недоодено,
сѐ уште сето неистурено
на небо.

Ама раката на стравот
не знае да молчи,
ами рика
како ранета ѕверка
што догледала смрт,
па капнува од умор без крв
пред замин.

Ги познавам сите тела
на важни настани
од нашето блиско
и дамнешно минато,
поголи од денот
кој штотуку ни мина
низ поројни дождови
без стопени снегови.

Ги познавам сите возбуди
затворени во зандани
на рамнодушност
и празнотија
со дреновина и силна глад.

Ништо не е тоа
кога никаде ја нема,
не остана во наши траги
жената без едно око,
а другото сонце на залез.

Таа имаше време
под градите
и уште нешто како семе
како од мене, како за мене
да беше подготвена
за род и пород.

Таа имаше убав, нежен,
совршен пат на усните
што ѝ одеше длабоко
в уста;
со славеј во срцето
како со мене, како за мене
да беше долетан за пој;
од незгасната желба
и тој со нас да седне
под стара врба која
одамна не личи на себе
околу суво речно корито
сосе гол и чекорен камен.

Кога замина едно утро
со дебели подочници,
ниту водата на истек
не знаеше како да ме легне
за одмор и утеха.

Немаше ништо пред нас,
остана така ништо
со раскошни фустани,
сo изгор трева во нозете,
со една песна изедена
како леб и сол;
со нејзините до болка
расипани заби
кога замина едно утро
со дебели подочници.

Од којзнае колку денови
и ноќи без празнување
доаѓам, па заминувам
мигум далеку во тебе.

Којзнае која болка
на народ насобран
околу суво речно корито
постаро од неговиот опстој,
сосе гол и чекорен камен
до еден од извишените
како планина помеѓу нив,
љубовта стои
со нов приказ и патоказ
за друг, за други.