33. Злокоба

Нека биде проклет и проколнат
овој каллив дожд со денови
што нѐ изнаврна до гола кожа,
а му посакувавме добредојде.

Со испукани усни гледавме
кон голото небо, надевајќи се
дека ќе заврне и ќе нѐ изнаврне
за да ни го за’рти семето.

Го чекавме и во црна
и во бела ноќ,
а тој да сакал чиста, невина,
спокојна
за да ни ја поплави.

Кога во силен налет
премина преку оградата
на нашите куќарки
и нѝ ги угасна огништата,
истури многу зеници од очи,
ослепе многу немоќни
да ги запираат нашите срца.

Кога ги креваше во воздух
нашите трошни куќарки
од корен, од темел,
и ги однесе, ги расфрла,
ги растури за да ги задави
во надојдена вода,
истури многу плач,
лелеци, крикови
што влегуваа во свеста
низ модри вени.

Го чекавме и во црна
и во бела ноќ,
а тој да сакал чиста, невина,
спокојна
за да ни ја поплави.

Го собрав народот,
сосе трагите што останаа
од него,
се искачив на врвот
на ридот над нашите глави,
за да ме гледаат сите,
та извикав
дека нашата крв
не може да се дава,
да се предава,
просто и лесно во заборав;
дека никој нема
да го заведе, да го замрачи
нашиот разум до самосмрт.

Проклет и проколнат нека е
овој каллив дожд со денови
што нѐ наврна до гола кожа
а му посакувавме добредојде
што го чекавме како од Бога.

Тој, пак,
ни зеде последна
животна ноќ
за да нѐ исчезне!