31.  Парче земја и јас со тебе

Учи ме, подучи ме,
научи ме како да ги превртам
земјава и тревиве
со корени во неа,
како да ги наредам
за нова сила во мене,
во нас
со само едно гледање
мигновено
на светот што мине,
што иде сосе војска на рид
за нова опсадена состојба.

Мојот еден и единствен татко,
немало и ќе нема друг
како него, 
јаде сув леб со малку сол;
се разбира, солта е негова, 
а лебот и мој како за мене утре.
Често си ја гребе усната
со нокотот на показалецот,
секогаш оставен при сечење
да порасне поголем од другите.
Тоа му е уште од војната,
се случува кога ги помни 
децата со лубеници и гевреци
наредни во камената улица;
улицата е од детството
на мојот татко.

Љубена, во косата ти влезе оса;
којзнае до кога ќе биде жива.
Ти гледаш само напред,
нема ништо.

Во тоа ќоше коленичел 
мојот еден и единствен татко,
немало и ќе нема друг
како него, 
на царевка сува, со коленици
во крв;
тоа поради искра во очите
или молња.

Така било во сините очи 
како надежно небо;
татко ми имаше сини очи,
исти како моите.

Љубена, ти одамна не си
во мене,
па ми иде да те споделам
со други,
сосе леб, капка вино,
сосе глад и страд;
сувата рака е на мојот 
еден и единствен татко,
немало и ќе нема друг
како него.

Тој сега одново јаде сув леб
и малку сол во парчево земја 
покриена од многу одамна 
непревртени треви 
за нова сила во мене, во нас.
Го сака и многу му е близок,
само чекор од вчера кон денес;
солта е негова, лебот за мене
ако посакам, ако нема друго
на светот што мине и што иде
без војска на рид за нова
опсадена состојба.

Љубена, во косата ти влезе оса;
којзнае до кога ќе биде жива.
Ти гледаш само напред,
нема ништо.

На твојата голотија, љубена,
в оган
како да седнале орли
и секакви други птици
грабливки;
ти ја покриваат, ја сокриваат
како да ја бранат од наезда  
на војска на рид
со собрана сила во последен
издив, пред смрт,
за нова опсадена состојба.

Зашто е едно, единствено
ова парче земја; 
со татко ми во него
и јас со тебе над него.