15. Непростливо

Непростливо е
да ти се прости за грев
сторен на зајдисонце
пред изгрејсонце
и на питом и кроток
народ исконски
на своја земја
што му ја испусти.

Те нашле за нивен
откако си докажаа
на себеси
дека семето отсекогаш
ти било изродничко,
безочно грабежливо.

Името
да не ти се спомне,
името да ти се сотре
од први предци
до последни потомци.

Срце крвави
на врв планина,
на утрина,
во ниедна доба;
со него сонце крвави
на небо немоќно,
премалено,
меѓу црни облаци
и секавици.

Семе изродничко,
семе
безочно грабежливо
довеало
во беспатна земја
ветар отчовечен.

Само јас ли
на виделинава гледам
непростливо предавство
на огнови неугасливи,
на корени неизменливи
и на траги неизречливи
во молчење искричаво?

На виделинава
и гласови и знаци
знајни, вековечни,
што никој не може
да ги сосипе.