12. Во неврат

Многу луѓе отидоа,
многу знајни и незнајни
одат катаден во неврат,
оставајќи секакви
светлини
и врвици до нив,
одамна без нив.

И јас скоро и јас скоро
во неврат ќе отидам
одамна и долго видлив
на хоризонтот,
не оставајќи никаква
светлина
со врвица до неа.

Затоа што бар мигум
време не вкоренив
мое
длабоко во сува, гола
и камена пустина.

А ни искра крвава
меѓу два камена,
а ни глас громовен
меѓу два облака,
а ни знак пламенен
меѓу два понора.