10. Роден ден

Роден ден во кој одново заживувам
како штотуку да поразив заборав
на огниште со траги на здив последен.

Различен е од сите пред него и по него,
на сите мои неуморни блиски предци
и премалени далечни потомци
што не доживеале спокој
во свои бессони ѕвездени ноќи.

Роден ден кога почнувам нова игра
со знаци врежани од деца незаодени
низ свет кој никако да разбере
дека без живот во игра и извишување
не може живот да се продолжи.