3. Сам со себе

Веќе не ми се случува
да сретнам
во стварен со заумен свет,
во досонет сон
или на преживеано јаве
човек на мои години
кому би му ја прекажал
судбината на една жена
која не успеа да свие
свое гнездо под стреата
на мојот дом ветрометен.

Таа дојде незнајна,
влезе во него,
поживеа
неколку дена и ноќи
сама со себе,
како мене да ме нема,
па исчезна во миг
помеѓу рамнодушност
и многу смрти на ближни
собрани во нејзиното срце.

А на човек на мои години
би му ја прекажал
судбината на таа жена
во два-три збора,
без
какви било докажувања
или предвидувања.

Имено, таа не исчезна
во миг
за да остане во мене
како живот,
ами поради моите
сѐ подолги премалувања
помеѓу два чекора
кон недогледна цел.

Имено, таа исчезна
за скоро да не бидам
една од многуте смрти
на ближни
собрани во нејзиното срце.