25. Срце и срцевина

Се нашле срце и срцевина,
извишени
до ведро небо на ведрина,
среде наредени камења
над гроб на незнаен воин
меѓу две пустелии.

Срцето било
на зрак сончев,
а срцевината на дрво
вкоренето и вековито.

Па ѝ вели срцето
на срцевината:
„Јас и ти можеме заедно
воинот во гробов
под ведро небо на ведрина
да го оживееме,
ако двеве пустелии
ги направиме плодни
и ги оплодиме“.

Па му вели срцевината
на срцето:
„Секако можеме заедно,
но ако откриеме извори
на љубови несекнати
и од нив водотеци
животни“.

Срцето на зрак сончев
и срцевината на дрво
вековито,
извишени
до ведро небо на ведрина,
се надвија над гробот
на незнаениот воин,
пред да надојде студенина
ветровита
меѓу двете пустелии.