36. Сам со себе

Не се прашувам
за ништо,
ниту прашувам некого
за што било
додека сум сам со себе,
далеку од свет
кој не знае
дека е одамна во живот
обѕидан, обграден,
бесцелен, безволен
и без длабоки корени.

Додека сум сам со себе
помеѓу
мое небо и моја земја,
во моја жива вода
меѓу нив.

Ако не се прашувам
за ништо,
ниту прашувам некого
за што било,
не значи дека молчам,
дека сум замолчен,
дека сум нем,
дека сум онемен;

само значам зборови
неизречени,
безгласни, бесшумни,
меѓу зборови
кои не се познаваат,
кои меѓусебно не знаат
колку се блиски,
а колку далечни.

Кои не се за ништо,
кои се за сè
во врска со именување,
со преименување;

без врска со чија било
опстојба,
стварност, заумност,
извишување
или неизвесност.