19. Скаменет воин

И моите рожби
сè уште живи и идни,
како на сите како мене
ми се блиски
и далечни блиски;
најголема радост
ми се миговите
кога сум, кога не сум
со нив,
кога се, кога не се
со мене;
вкоренети, изртени,
израснати
за плодење, за зреење
до презрејување
пред и во нов свет.

Исто во рани утра,
во денови уморни,
исто во ноќи сушни,
безгласни во сон
и будност со ведро,
во облачно небо.

Ама кога ги гледам
од моја самост врвна,
јас врв среде
недогледна рамница
пустошна,
сè повеќе и подолго
во немост,
како сè помала,
студена и немошна
сенка на мои години,

многу ме жалости
дека скоро може
да бидам единствен
безимен
на народ вековит,
на кој некогаш
со срце, мисла и дело
му припаѓам
јас скаменет врв,
јас скаменет воин.