18. За една тажаленка

Се ослободија
од моја тажачка
неколку запирки
и точка;
за совреме од неа
да излезам.

Си го видов лицето
во огледало:
длабоко замислено,
повеќе загрижено,
набрчкано, посивено,
сè уште мое.

Си го слушнав гласот
од едно време
одживеано до друго
во кое допрва
некој мој ближен
ќе заживее по мене:
напати громок,
напати нечуен,
напати непреболен,
напати рамнодушен.

Што оти успеав
некако да ги соберам
во големата лузна
меѓу лицето и гласот,
што ми ја остави
меч со сончев зрак
на сечилото
во крвава битка
за слобода
на мисла и дело;
кога во меѓувреме
тажаленката
ја презедоа молкома
за допејување
жени тажачки
во црнина
околу мртов воин
незнаен.