Momentum XXV

Не ги прифаќаме твоите чувства
оти овде тие не се потребни.

Глас 6

Твојата улога сѐ уште ни треба, особено отсега. Дека го користиме само Шопен. Романсата. И тоа до крајот на овој чин.

Глас 3

А суровоста на природата? Прво инстинктот за одржување, а потоа намерите и говорот како самоодбрана.

Глас 9

Ако предизвикаме пожар, ќе го нарушиме редот. Некои животни ќе почнат да не навредуваат со своето однесување.

Еуфонија.
Љубов на две голи планини
.

Ми легнуваш под нозе,
па за да го продолжам патот
со љубов под облаци
ќе морам да те станам
да ти ги намачкам усните
со цвеќе
и да ти го помилувам знакот
во левата града.

Народот почнал
да се распрашува
за зоопсихологијата.
Верува дека
нејзините експерименти
ќе откријат нови планети
додека не ја вратат
ведрината во земјата.

Те врзува со жица и те фрла
во темна соба;
гола повеќе личиш на река
која само од скромност
не си ја докажува плодноста.

Те врзува, а потоа со игли
те боде;
ти ги лечи раните,
ти ја стега половината
со обрач од старо железо.

Планините се голи,
сонцето зелено
во твојата намера;
дозволуваш сѐ,
дури и жар да ти пикнат
под кожа
за да се убедат
дека се плашиш.

Те кревам над сите преселби
и утра,
над сонот, над птиците
и над градот
те кревам
да ти го помилувам знакот
во левата града.

Но најпрво
igni et fero
да се објавиме.