Momentum XXIV

Таа е мртва, а ти си уште со нас

Глас 10

Песнава е слична на твоето чудно спокојство. Само што не си станал од фотелјата да легнеш на подот и да плачеш. Но ние не сме деца, ами луѓе со големо искуство, со последица дека умереноста е наша карактерна особина. Не е случајна дури и кога јадеме.

Илингус.
Колку се восхитуваш

дека срцето работи

и кога ќе ти го извадат

за да го заменат со друго

од дете паднато на улица.

Разумот се колеба
да јаде денеска,
а само да те прашува
зошто не минуваш
понапред од генијот
кому не му беше доста
првиот чин,
па продолжува,
сега со нозете;
со секира си ги делка
коските,
како да е тоа доволно
за контемплација.

Морското дно е полно
со ѕвезди и риби,
но тешко да си ја удриш
главата од него
оти има уште и песок;
можеби само
некоја школка
ќе ти го засече образот.

Паѓаш со кругови
во свеста,
со невидена брзина
ја догледуваш икаријата;
потсетуваш дека порано
случајно го спомна Паунд,
сега случајно и Перс;
а Витмен си го милува
орелот,
гледа зрак легнат
меѓу простор и време
(има многу долги пеења,
па треба здив
за да се издржи).

Consectarium:
стануваш херој
за народот
оти си паднал
со отворена уста
во неговите гради.