Momentum XX

Човекот излезе на прошетка,
патем да купи стихозбирка
од современ поет.

Глас 3

Но, изгуби многу време читајќи ги предговорите и поговорите, па одвај успеа да си купи чорапи. За ова се предлага следнава аналогија: поезијата е во криза.

Глас 6

Внимавај на зборот криза. Не како што знаеме.

Глас 4

Зошто сега тоа?

Глас 8

Затоа што чорапите треба да ги менуваме секој ден.

Глас 3

Веќе рековме: носиме дрвени чевли.

Фобија.
Страв годишните времиња

да се гледаат од високо.

Сѐ е безначајно штом
не ја следиш нашата
чудесна игра со кучињата
кога сме на стража
да ја дочуваме маглата
и храната со зеленчук
и овошје.

Ја стегаме облеката во нас,
а кучињата молчат
како да се плашат
од случајно доаѓање
на некој чуден лик и
друго небо како relictus.

Само наслушнуваме кога
маглата полека се мие,
ја суши косата, а заборава
да си ја прибере водата.

Само наслушнуваме:
кучињата своето движење
ѕвонливо помеѓу ѕвездите
со шепите како да им се
во лименки
се во напор да најдат малку
месо на коските
modus procedendi.

Ние, изморени од ноќ
и од полноќ едновремено,
коњи со едно око и со заб;
дека ни ги стегаат градите
за од возбуда да заборавиме
како го стрелавме просторот
од високо.