Momentum XXXIII             

Само momentaneus и нитшо повеќе и ништо во него.

Глас 6

Некои чудни напрегања на телата помеѓу нас како сенки. Се обидуваш да ме слушаш, се обидувам да те слушам, но станува совршено јасно дека почнува да нѐ ослепува молкот во спектар од бои. И брзо ќе дојде на сценава таа, облечена како гола. И ќе танцува помеѓу нас како изгубена, како заборавена од сите времиња и невремиња.

Глас 9

Што се случува сега? Кој е овој што се обидува да нѐ однесе во библиотека, помеѓу стари книги потонати во прав и помеѓу дребулии од нечие заборавено детство!…Да не сака да го сврти дејствието во друга насока, спротивна од онаа кон која досега се движевме?…Зарем е можно да верува дека може да го стори тоа, кога веќе имаме јасна цел: без љубов и страст, а во спокој, дури во рамнодушност да ја совладаме сегашнинава што не е наша.

Глас 2

Добро е што брзо нѐ напушти во немост, а не побара од нас да му подариме ниту збор. Веројатно сфати дека не е и не може да биде дел од нашиов свет, од овие кули и градови во воздухот што си ги ветивме и почнавме да си ги градиме еден за друг.

Глас 4

Сосема те разбирам. Тоа се миговните преобразби според тебе. Според мене, пак, има уште нешто што ќе нѐ одржи како силни и впечатливи карактери: нашите сенки што ту се издолжуваат, ту се скратуваат. Како да сакаат да нѐ предупредат дека вака не ќе можеме уште долго.

Глас 7

Далеку сме од крајот, а уште подалеку од почетокот. Да знаеш, воопшто не ме вознемирува тоа што преку ноќ, додека сме во сон и јас и ти, се менува времето од студено на топло, од жештина во мраз. само уште еднаш да му ја повториме на насобраниот народ пред споменикот на живите борци приказната за волкот и коњот што ја научивме од чуварот во зоолошката градина. да, таа дека волкот е гладен, та се подготвува да изеде еден коњ, а овој, пак, не се плаши зашто е побрз и ќе му ги искрши забите со копитата, та дозволува и натаму да го јаваат секакви неранимајковци.

Глас 3

Еве, конечно стаса таа, облечена како гола! Танцува помеѓу нас како изгубена, како заборавена од сите времиња и невремиња. Можам да ти признам дека ми се допаѓа. Убава е, можеби најубава што сум ја видел во мојот досегашен живот.

Глас 4

Што ни треба? Да не паднеме во бесознание од болката што почнува да расте во нас поради свеста за одамна изгубената храброст пред смртта?

Глас 2

Не те разбирам, но сеедно. Шепотиве и криковиве ќе нѐ оглуват, та не ќе можеме ни осамите да ги слушаме.

Миговни преобразби со шепоти и крикови

Само еднаш се случи
пред овој народ
никој да не може да излезе
со доверба и надеж.
Кога беше оставен помеѓу
урнати куќи,
изгорени огништа,
суви корени.
И знам и нема да заборавам
дека беше заробен, уморен,
беше во страв за својата иднина;
сѐ додека не се појави тој
како спасител,
а обичен и скромен,
а мудар и со длабоки рани
на срцето.

Рече дека животот е секогаш
помеѓу изгрев и залез
кога е буден.

Имаше многу камења
големи и мали
во подножјето;
како да ги фрлил врвот
од себе,
како непотребни,
како кршени со заби,
па мазнети со усни,
како во нежност
од мене и од тебе.

Ти ги собираше еден на друг
како да ѕидаше ѕид околу нас
што не ќе можеме
да да го прелетаме
никогаш до смрт;
како да се плашеше
дека ќе се струполиме
штом ќе се искачиме на врвот
како од него доказание
дека не е наш.

Полека и брзо се согласуваме
дека нема ништо поважно
во овој миг на сознавање
на нашево создавање
од сомневање во сѐ
што нѐ опколува
и со годиниве нѐ освојува,
та само птица песнопојка
ќе нѐ разбуди во рани зори
за да го исчистиме
изгаснатото огниште
и во задоцнети полноќи
одново да го запалиме.

Има уште многу да си кажеме
што било вчера
и што ќе биде до утре.
Само да не мораме
да му објаснуваме на светот
што е тоа извор од камен
во подножјето на врвот
што нѐ напојува со нова сила
за да се искачуваме
и да паѓаме
додека не се научиме да летаме
неуморно.