Momentum XXII

Tрагедија е оти нема лесно
да нѐ разберат.

Mожеби војната на крајот

ќе ги надмине сите

недоразбирања

со публиката.

Глас 4

Голо црното тело е полно со страст, па добро е да го спомнеме бидејќи имаме сонце, пустина и фатаморгани што ги прекопуваме за да создадеме богати оази со многу врела. Од друга страна, пак, ние вака облечени, во блузи од дебела волна, оти треба да бидеме шпански овци ако нѐ прашаат нешто за научните процеси. Дека овде ни се важни луѓето со нивните анатомии. Велам, опасно е да мислиме подолго на езотерична еротика. Може да нѐ научат како феномени.

Глас10

Ако измислиме нова болест, веројатно ќе ја избегнеме војната како игра пред смрт. Бидејќи најпрво треба да се извлечеме од неа живи, макар да е прилично херметична.

Хипохондрија.
Дека не смееш да се насмееш

ако те измамам

додека ги споредувам

negresse и negretti

оти се исти во тонот
,
на пример.

Некако премногу гласно
си го кажуваме шумот
во срцето,
како да сакаме сите да узнаат
дека карпите што ги фрлаа
додека настојувавме
да ги освоиме кулите
и камбаните
се наредиле во нас
со жолчка од јајце
измешана во вар,
да векува;
па сега nebula ни ги шири
зениците,
им става две оси
од страните
за да ни ги отечат
божем од неспиење.

И натаму останува дилемата
дали е доволно
сопственото искуство
во природата
и огнот во земјата fervidus
сокое ќе си го изневериме
гласот
збор да е или семе.

Или треба одвреме-навреме
да патуваме во друга земја,
со поинаква флора
и нова фауна,
во која малку сокриено
ќе ги поткажеме
нејзините еротски фантазии.

Сосема е погрешно
вашето знаење
дека Паунд започнал
некоја нова историја
во сонот.
Му правите лоша услуга
да си ги преврти коските.
Тоа повеќе ми личи
на Прокрустова постела.

Ова што сега ве боли
е nervus probandi.

Ќе треба едно време
да се задржиме во облакот
оти скоро ќе дојде
за да ни ги открие куќите;
зашто конечно тој е
корелативен поим.

Облакот треба да има боја,
да оди на раце,
да му бидат голи
сите екстремитети
и да лета.

Нашите куќи треба да имаат
нови тела,
а прозорците
да им ги отвориме
како на жена.
Треба и да им подготвиме
шини,
па доколку притисокот
биде предолг
да се возат без страв
дека ќе им пукнат кожите.

Така облакот ќе ни ги открие
куќите.

Ние внатре сѐ уште
премногу гласно
си го кажуваме шумот
во срцето,
со отечени зеници
божем од неспиење.

C`est la guerre.