Momentum XXX

Напуштање на сцената на животот
како нов чин

Глас 3

Отсега ќе мораме да се пребројуваме пред секоја песна. Се надевам дека ќе имам достоен противник на крајот.

Глас 4

Да се обидеме пак да воспоставиме некаков ред. На пример, ти прв, тој втор, тој трет. На крајот јас или ти.

Глас 8

Има логика. Но со какво значење?Дали тоа зависи од нас? Зошто не го прашуваме авторот?

Глас 7

Следниот од нас треба да умре во последниот чин. Потоа по ред. За овој и онака сме малку.

Како да ме надвикаш

Птици ти го клукаат
образот;
ти паѓа мермерен прав
во ноктите;
те гонат низ улици
за да те фатат
и да те принудат
да си го смириш
папагалот
во твојата уста
полуден од мислење.

Дај да си ги соблечеме
коските
додека гостите
не се запалиле,
прво косите;
веќе почнале да пеат,
а наскоро ќе паѓаат
голи мртви,
со корени во ноздрите.

Качи се на маса
и кажи си го говорот
што го подготви
за вакви состојби.

Гостите се тажни,
па треба
да им го пуштиш ветрот
кога измислува мудрости
на латински,
додека болестите
им ги кажува дрско
и практично.

Долго сме опсадени;
прагот е затворен,
полн со деца;
карпите што ги фрлаат
со топови
прават дупки во ѕидот,
но ние ги полниме
со памук,
со пердуви од птици.

Образ веќе немаш.

Сокри го ножот
и покажи го ако стасаш
во редот,
ако добиеш леб.

Во ова време
војните завршуваат
само ако ги испратиме
гостите
пред полноќ,
убедени дека искрено
им благодариме
за игрите,
за советот дали
да купиме автомобил.

Опсадата ќе престане,
па им замислуваме
добра ноќ
и голема љубов
во искривени огледала.

Пијани од мирисот
на семето,
на сеното фрлено
на подот за спиење,
не ќе видат,
ниту ќе почувствуваат
кога ќе им го ставиш
ножот в заби.

Ти паѓа мермерен прав
во ноктите,
а ти никако да го смириш
папагалот
полуден од мислење.