Momentum XXIX

Веќе ги средуваме впечатоците

Глас 10

Тоа се убиства! Вие не разбирате дека авторот
ни се потсмева.

Глас 1

Веќе не ви се потребни моите знаци, а ни совети.
И без мене ќе можете до крајот. Збогум!

Гласот грми

Ако се согласивме
дека омразата и болот
се блиски по одразот
додека движењето
полека запира
бидејќи признава:
сонот не идржа ами падна,
а срцето порано го фрливме
во бунари со остри камења
да одмори од закани и очај;
ако ја прекршивме светлината
со звуци, со крик,

треба да го завршиме
случајот,
да ја прекинеме истрагата.

Народот измисли:
морето има болест
и смрт на жена
со предумисла,
но немаме трпение
да го прекажеме она
што го научивме
додека излегувавме надвор
на прошетка и смеа.

Гласот грми
ко да сме го удриле
со гром, со збор.

На крајот сѐ останува
во ноќ полна со облаци
и свадби,
без тапани и без ружи.