48. Маргиналци

Маргиналци околу него од ден на ден сѐ повеќе. Се зголемува нивниот број речиси секој ден. Што го чуди, дури го изненадува, но многу повеќе му е неприфатливо. Тој отсекогаш бил важен, од него зависеле многу нешта поврзани со сегашноста и иднината на неговиот и светот што го опкружува. Ама откога се пензионира и почна сѐ повеќе да се повлекува од јавниот живот, како блиските и познајниците да стануваат сѐ подалечни, како сѐ повеќе да се оддалечуваат од него. Веќе не им е потребен за ништо? Ни за макар видување и неколкучасовно дружење?

Повеќето од маргиналците се нови, неодамнешни, пензионери. Двајца целиот свој работен век го минале исто како него, во една професија и во една компанија-како градежни инженери. Останатите четворица, од вчера, до заминувањето во пензија немало ништо што би ги поврзало: еден професор по француски јазик, друг социолог, трет банкар, а најновиот во друштвото, од завчера, како фармацевт стасал до раководона, директорска функција.

Нему му паѓа многу тешко дека станал маргиналец, а негово друштво му станале маргиналци. Просто не може да се помири со тоа. Иако е свесен дека му минало времето, а времево и општествово се такви што ретко кој успева да го сочува угледот стекнат во минатото, да влијае со својот авторитет. Се согласува дека успеале и успеваат само ретки творци, некои од оние што создале вредно, можеби трајно дело. А му паѓа тешко најнапред затоа што не му се прифатливи многу состојби и процеси во државата. Од друга страна, пак, на власт се невешти, недоветни, незнајковци, политички измеќари и туѓински платеници. Кои ништо добро не му мислат на народот.

Меѓутоа, за разлика од неговото друштво на маргиналци, кои радо расправаат, па и се расправаат за горливи прашања и проблеми, а најчесто бистрат политика, тој молчи, размислува, го промислува од нив реченото, особено нивните ставови и аргументи. Кога ќе го прашаат нешто, кога ќе побараат негово мислење или став, најчесто искажува концизна мисла, сентенција или афоризам. По што најчесто настапува долг молк, некогаш сосем престануваат да разговараат, па и се разотидуваат.

Вчера социологот го наметна токму проблемот на маргинализацијата на луѓето по завршувањето на нивниот активен, работен, професионален век. Го наметна, другите го прифатија, се искажаа, што мислат и како гледаат на тоа, особено што за нив значи таа. Вообичаено, тој  ги слушаше молчешкум, па по сите нив бавно, со зборови како со мака да ги извлекува од себеси, како да е неговата последна рече:

„Оние од власта, што се со неа и околу неа не се ни свесни колку голем проблем е токму маргинализацијата, поточно отпишувањето на оние што би можеле да дадат уште многу, чиј придонес во развојот на општеството и државата би можел уште да биде голем. Знаење, стручност, секако и современи содржини на живеачката, ама искуството најнапред. Тоа е непроценливо како вградено во животот на единката и колективот. На секој маргиналец најтешко му паѓа тоа дека е не само непотребен, туку од ден на ден станува сѐ повеќе болно осамен“.